• сабота, 23 ноември 2024

Спасовски: Вкупниот криминал на подрачјето на ОВР Кавадарци во изминатите пет месеци бележи намалување 

Спасовски: Вкупниот криминал на подрачјето на ОВР Кавадарци во изминатите пет месеци бележи намалување 

Кавадарци, 23 јуни 2023 (МИА) - Вкупниот криминал на подрачјето на ОВР Кавадарци во изминатите пет месеци, споредбено со истиот период лани, бележи намалување за 21,8 проценти. Имаме одлични резултати во делот на намалување на тешките кражби за 42,9 отсто,  споредбено со истиот период лани, како и намалување во делот на економскиот криминал за високи 76,5 проценти. Ова го истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Кавадарци. 

Министерот рече дека се продолжува со серијата посети, со кои се опфатени сите сектори за внатрешни работи низ државата, а во рамки на проектот на МВР - „Отворен кабинет“, како уште една активност согласно концептот „МВР за граѓаните“. 

- Целта е преку непосредни средби со граѓаните, да ги слушнам нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат. На овој начин покажуваме дека го вреднуваме мислењето на секој еден граѓанин, за тоа како полицијата може да придонесе за поголем спокој. Искрено верувам дека партнерството меѓу полицијата и граѓаните треба да го насочиме и на микро ниво, бидејќи граѓаните најдобро ги знаат предизвиците со кои се соочуваат во својата заедница. Секако и средбите со раководствата на секторите и одделенијата за внатрешни работи се одлична можност заеднички да ги разгледаме реализираните активности, постигнатите резултати и да ги маркираме целите за следниот период, додаде тој. 

Спасовски информираше дека во делот на недозволената трговија со дрога, во текот на овој период, од страна на ОВР Кавадарци во соработка со Одделот за крим - полиција, поднесена е кривична пријава против правно лице и против државјанин на Република Албанија, со престој во Кавадарци, а по преземените мерки и активности, од правното лице одземена е марихуана во вкупна количина од еден тон, 570 килограми.

 - Позитивен тренд и во областа на сообраќајот, каде бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди за 41,3 проценти.  Имено, во првите пет месеци пријавени се вкупно 44 сообраќајни незгоди, додека за истиот период во 2022 година пријавени се вкупно 75 сообраќајни незгоди. Со големо задоволство можам да кажам и дека во овој период не се регистрирани сообраќајни несреќи со загинати лица, додека во истиот период лани, за жал, имавме три жртви во сообраќајни несреќи, соопшти министерот. 

Од страна на раководството на ОВР Кавадарци бил  информиран и за превентивните активности кои ги спроведуваат, како дел од концептот „Полицијата во заедницата“, со кој, како што нагласи,  ,,ја приближуваме полицијата до граѓаните и ја јакнеме довербата во институцијата". Во првите пет месеци во текот на 2023 година реализирани се 131 превентивни активности, на теми насилство и насилничко однесување, сајбер булинг, штетни последици од болести на зависност - дрога и алкохолизам, средби и работилници со навивачки групи од подрачјето на Кавадарци, Отворен ден со полицијата, бројни активности во делот на безбедноста на патниот сообраќај и во делот на спречување на имотните деликти. 

-  Ќе го посетам и Регионалниот Центар Југ, каде што ќе остварам средба со раководството, со цел брифирање за состојбите со мигранти на границата со Грција, каде што веќе два месеца македонските полициски службеници заедно со претставници на ФРОНТЕКС од осум земји се распоредени на  границата. Благодарение на заедничките напори, во првите пет месеци од 2023 спречени се 3.518 илегални преминувања на државните граници, најголем дел на границата со Грција – 3.048, односно бележиме намалување на обидите за 42 проценти. Воедно, откриени се 29 случаи на криумчарење на 234 мигранти со мерки за кривичен прогон за 21 лице.

Дозволете да ја истакнам својата и увереноста на мојот тим дека колегите од ОВР Кавадарци и СВР Велес, како и од РЦ Југ и во наредниот период ќе продолжат со реализацијата на активности кои носат резултати, како во делот на репресивните мерки, така и со превентивните активности во заедницата. Секако, продолжуваме и со средбите со граѓаните во рамки на „Отворен Кабинет“, како катализатор за уште подобри резултати со кои ги гарантираме безбедноста и мирот на секој еден, рече министерот Спасовски во Кавадарци. свд/дма/


Фото : МИА

Остани поврзан