• среда, 27 ноември 2024

Со претставата „Кенди“ во Крива Паланка отворен алтернативниот фестивал „Гига Фест 2024“

Со претставата „Кенди“ во Крива Паланка отворен алтернативниот фестивал „Гига Фест 2024“

Крива Паланка, 25 јули 2024 (МИА) – Со актерскиот перформанс, дуодрамата „Кенди“, на сцената на НУ Центар за култура Крива Паланка синоќа беше отворено годинашното издание на „Гига Фест“ – мултимедијален алтернативен фестивал во чест на прерано починатиот кривопаланечки режисер, Глигор Цветковски.

„Кенди“ ја актуализира темата на зависности кај младите и носи силни пораки до општеството. Режисерката Стојаноска потенцира дека независната сцена во нашата држава е многу нова, иако во многу земји е далеку поразвиена и поддржана.

- Кај нас независната сцена некако како да се бори со последни сили да преживее, соочувајќи се со недостиг од термини и простор за проби, финансиски проблеми и друго. Публиката е навикната на репертоарска понуда и можеби оваа наша сцена како алтернативна форма што се занимава со „потешки“ теми, форма што е интерактивна со публиката, ја плаши по малку. Ќе кажам дека на театарџиите им е потребна токму таа слобода што ја нуди алтернативната сцена, а истовремено им нуди опфат на теми што можеби, и не се за секој. Една таква тема за која „Кенди“ говори гласно е опијатна зависност кај младите. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубов постепено се изобличува и станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот. „Кенди“ и како приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги. дроги. Тука ќе го истакнам здружението ХОПС што помага токму на вакви зависници и им нуди помош и опции за здрав живот, вели Стојаноска.

„Кенди“ е продукт на независната продукција „Златен елец“, дуодрама од Лук Дејвис, во адаптација и режија на Тамара Стојаноска. Улогите ги играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а вокал и укулеле Лео Поповиќ. Со материјали од здружението ХОПС – Опции за здрав живот.

„Гига Фест 2024“ е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето“ и манифестација „Крива Паланка – Град на културата“.

Тридневниот фестивал продолжува вечерва, со проекција на документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“ во 20 часот и музички перформанс „Ставро и Џејд“ на платото пред ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.

Затворањето на програмата е во среда, 31 јули 2024, до проекција на документарно-музичкиот филм „The Hip – Brainstorm“, исто така пред ЛУ Градски музеј, Крива Паланка. ид/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан