• сабота, 21 декември 2024

Со премиера на „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски на 16 октомври почнува „Киненова“

Со премиера на „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски на 16 октомври почнува „Киненова“

Скопје, 7 октомври 2024 (МИА) - Со премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски, на 16 октомври ќе се отвори деветтиот Меѓународен филмски фестивал „Киненова“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржува до 20 октомври, а годинашното мото е „Што е прво? Филмот или приказната?“. 

Филмот „Јон Вардар против галаксијата“ ќе биде дел од главната натпреварувачка програма.

- „Киненова“ е роден така, да биде субверзивен, критички-ориентиран, контроверзен и провокативен фестивал, но не доволен сам на себе, туку со цел да биде ангажиран и во полза на општествените потреби и промени кон целокупниот интелектуален развој и созревање на општеството. Конечно, доаѓаме до она што беше наша примарна асоцијација и контекст од кој произлезе слоганот, а тоа е вечната борба на сценаристите и режисерите, кој е прв, кој е поважен и од кого почна се. Сценаристот или режисерот, сценариото или визијата на режисерот? Да, борбата е откога постои филмот и ќе постои секогаш без разлика дали некогаш од истата ќе произлезат длабоки и нерешливи конфликти или креативна дисусија која ќе даде нов квалитет и ќе го унапреди развојот на самото филмско дело. Значи субверзивноста нема да недостига, не се грижете, рече на денешната прес-конференција директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ.

Образложувајќи го филмот „Јон Вардар против галаксијата“, Јовановиќ посочи дека се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да може да се заборави.

Селекторот на главната програма Игор Анѓелков напомена дека предјубилејното издание на „Киненова“ носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии.

- Нашиот најчест фестивалски гостин се остварувањата од омилената иранска кинематографија. Колку и да ја обожуваме, сепак никако не можеме да прифатиме дека и понатаму оваа земја ги затвора своите чеда поради занимавање со филмската уметност и љубење на вистината. Во силното грчко остварување, пак, се соочуваме токму со моќта на филмот да ни раскаже приказна за чедоморството, кое кај нашиот јужен сосед се случувало се до доцниот 20 век, пред да биде забрането со закон. А поигрувањето со законот скапо го чинеше изрелскиот (анти)херој кој реши да направи хаос во и онака хаотичната држава која во моментов е во немилосрдна војна со својот вечен непријател. Војната остава лузни врз душата, а тоа многу добро го прикажува хрватскиот режисер во својот дебитантски филм кој се случува недалеку од военото поле на кое нема правила. Правила нема ниту во детските игри, каде секој може да има свое кралство, а момчето во филмот на црногорскиот режисер посакува само едно нешто – семејна хармонија. За тоа му треба супер херој, можеби некој како Јон Вардар, првиот долгометражен македонски анимиран филм, рече Анѓелков.

Директорот на фестивалот даде посебен осврт на филмот „Жена - убиец“ на Ева Натена за кој рече дека е исклучително значаен на многу нивоа.

- Приказната на филмот зборува за една скриена тема од очите на јавноста долго време во грчкото општество, а тоа е праксата или традицијата на жртвување на женски деца, особено во рурални и сиромашни средини и особено кон крајот на 19. век на островот Скијатос, заради сиромаштијата, а особено заради неможноста на родителите на женските деца да ја исполнат обичајната обврска да го даруваат семејството на младоженецот или идниот сопруг со значаен мираз. Се работи за приказна инспирирана од лично искуство на младата режисерка, која скоро и да ја жртвува својата кариера како костимограф за да истражува на оваа тема подлабоко и да го сними овој драматичен филм и повторно да ја отвори темата пред грчката јавност и општество, додаде Јовановиќ.

Како што рече, филмот се заснова на реални настани и информации, а она што е прилично драматично и шокантно е дека законот за мираз кој всушност ги поттикнувал на вакви дејства младите родители и целокупните сиромашни мали заедници во рурална Грција бил активен се до крајот осумдесетите години на минатиот век во Хеленската република, што значи дека истиот бил активен дури и првите години од влезот на Хеленската република во Европската Унија.

Во рамки на деветтото издание на „Киненова“, ќе се означи првото претставување на финската современа кинематографија пред македонската публика.

На програмата се два филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа. 

И оваа година во рамки на фестивалот ќе се одржат специјализирани работилници за надополнување на филмското образование.

- Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови, кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки, информираше Јовановиќ. бт/бак/

Фото: „Киненова“

 

Остани поврзан