Со „Отскочна даска #2“ неофицијално почна третиот Скопски поетски фестивал
- Пред стотина посетители во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје синоќа се одржа „Отскочна даска #2“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години, со што неофицијално почна третото издание на фестивалот.
Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - Пред стотина посетители во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје синоќа се одржа „Отскочна даска #2“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години, со што неофицијално почна третото издание на фестивалот.
Учествуваа петнаесет млади поети и поетеси: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасовски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.
Самите учесници, со гласање, за свој претставник на официјалното отворање на фестивалот ја одбраа Дарија Јовановска, млада поетеса од Скопје. Потоа програмата продолжи со поетско-музичкиот перформанс „Неисцрпен ‒ трибјут за Бошко Бозаџиевски“ на ВИС „Тркалезна маса“, посветен на поетот и актер Бошко Бозаџиевски (1981 – 2008).
Скопскиот поетски фестивал ќе трае до 28 септември и ќе се одржува на неколку локации во Скопје - Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и во кафе-книжарницата „Буква“.
Ќе гостуваат поети од Данска, Малта, од Франција/Сирија, Хрватска и од Србија, а ќе настапат и над 50 домашни поети.
Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, изложба на фотографии, проекции на неколку поетски филмови, концерт, работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.
Третиот Скопски поетски фестивал свечено ќе биде отворен в среда во 20 часот во МКЦ со настанот насловен „Воздух. Ветер. Дишење.“ на кој во придружба на музичка импровизација со дувачки инструменти ќе читаат седум домашни поети и шест гости од странство. хс/са/
Фото: МИА архива