• понеделник, 23 декември 2024

Со „Отскочна даска“ почнува второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“

Со „Отскочна даска“ почнува второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“
Скопје, 29 август 2022 (МИА) - Со настанот „Отскочна даска“, вечерва од 20 часот во кафе-книжарница „Буква“ неофицијално започнува второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“. На настанот ќе земат учество тринаесет млади поети од 16 до 25-годишна возраст, а најдобриот ќе добие можност да чита во главната програма. Јулијана Величковска, организаторка на настанот, во изјава за МИА вели првото издание на фестивалот било исклучително тешко да за организација како и годинашното. - Минатата година имавме среќа и покрај сите бизарни ковид-протоколи (велам бизарни оти од денешна дистанца се покажаа како такви, особено затоа што настаните беа организирани на отворено) да имаме бројна публика и голема поддршка од медиумите. Годинава се надеваме дека на настаните ќе бидат барем двојно повеќе посетени, а особено се надеваме на голем одзив на настанот „Отскочна даска“ што го организираме за младите поети, со надеж дека така ќе откриеме и ќе поттикнеме нови поетски гласови во македонската книжевност, вели таа. Како што споделува, иако работат во тешки услови, се трудат да понудат квалитетна поезија и нови и интересни содржини. - Иако работиме во тешки услови, се трудиме да понудиме навистина квалитетна поезија, нови и интересни содржини, како што е тематското читање „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, иновација во претставувањето на поезијата преку неколку специјално изработени поетски филмови од наши млади режисери, работилница за младите поети, изложба на колажи и воопшто една убава приказна во која поезијата и другите уметности се надоврзуваат, комуницираат и градат нови креативни врски, посочува таа. Во исто време во „Буква“ вечерва ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат за времетраењето на фестивалот, односно, до 1 септември. Вечерта ќе заврши со едночасовен пиџеј-сет (поезија и музика) на Сергеј Тимофеев од Латвија ‒ снимки од поетски читања на повеќе странски јазици комбинирани со различни музички стилови: електронска музика, џез и сл. Помеѓу поддржувачите на фестивалот се Град Скопје, Младински културен центар ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буква“, „Нова Македонија“ „Култура бета“, и винаријата „Стоби“. Величковска вели дека изостанува поддршка од Министерството за култура. - Немаме поддршка од Министерството за култура, кое минатата година по месеци и месеци чекање одговор на нашата жалба едноставно одговори дека сепак остануваат на одлуката да не нѐ поддржат бидејќи фестивалот се организирал за првпат и, ете, не можеле од нашата програма, од имињата на учесниците, како и од искуството на секој од нас во организацијата да утврдат дека навистина умееме да организираме ваков настан. Годинава имаа правило дека на конкурсот смеат да аплицираат само фестивали и манифестации што зад себе имаат барем три изданија во континуитет, па не аплициравме почитувајќи ги нивните нови правила, што потем во резултатите на конкурсот беа прекршени, со тоа што беа помогнати многу нови слични манифестации што се случија или ќе се случат за првпат, посочува таа. Дополнува дека ќе продолжат со упорност и со квалитетна програма. - Како и со сиот ентузијазам во нас и во нашите несебични пријатели да ја одржиме оваа скопска приказна, со која веруваме дека ѝ чиниме добро на македонската книжевност и воопшто култура, давајќи им простор на нашите поети и уметници да се изразат, да разменат идеи и искуства и меѓу себе и со гостите од странство, и особено поттикнувајќи ги младите да се занимаваат со книжевност и со уметност, со што ќе покажат пркос наспроти овој кич и невкус што секојдневно нѐ затрупува, вели Величковска. Фестивалот официјално ќе биде отворен утре, на 30 август, во 20 часот со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците. Ќе настапат: Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса од настанот „Отскочна даска“. Читањето ќе се одржи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје. В среда, на 31 август, со почеток во 19 часот во МКЦ ‒ Скопје ќе се одржи и „Интернационалната поетска вечер“, на која ќе читаат Влада Урошевиќ, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и Владимир Мартиновски, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј. Фестивалот ќе заврши в четврток, на 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади, на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, на тема „Урбана поезија“. Последниот настан од програмата на второто издание на годинешниот СПФ ќе започне во 21 часот, во „Буква“, со настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје. Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, врз основа на песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади, по што на прошталната забава присутните ќе уживаат во музиката што ќе ја пушта Александар Сандревски. Во интервју за МИА, еден од учесниците на фестивалот, македонскиот поет Андреј Ал-Асади, посочи дека Скопскиот поетски фестивал му е потребен на градот за да ја разгори љубовта кон пишаниот збор. - Овој фестивал нуди бесконечно можности за размена на идеи, мислења и дружба, кои понатаму ќе влијаат врз проширување и продлабочување на естетските рамки во кои творат поетите – учесници на фестивалот. Фестивалот е нешто кое воедно нѐ предизвикува и нѐ подучува дека пишаниот збор може нешто навистина да смени. Од друга страна, пак, го збогатува културниот живот во Скопје и им овозможува на младите писатели да се претстават пред публиката и да научат нешто повеќе за тоа како се пишува добра поезија. Целото интервју можете да го прочитате тука. ар/аа/      

Остани поврзан