• понеделник, 23 декември 2024

Сојузот на средношколци задоволен од почитувањето на договорот за државната матура

Сојузот на средношколци задоволен од почитувањето на договорот за државната матура

Тетово, 5 јуни 2021 (МИА) - Бленди Ходаи, претседател во заминување на Сојузот на средношколци, по повод полагањето на првиот испит од државната матура од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово истакна дека бил испочитуван договорот со државните институции, кој предвидуваше скратен материјал за полагање со фокус на првите три години, во базите со прашања да има три пати повеќе прашања од  интерен испит, два екстерни и два интерни испити да има и слично.

- Сето тоа што беше координирано во договорот беше имплементирано на првиот испит на државната матура, а ние очекуваме и за наредните три испити да важи истото. Дознаваме дека нема некој проблем во некое училиште во државата и сето тоа што се договоривме помеѓу нас како Сојуз на средношколци и Владата беше имплементирано. Мислиме дека тоа беше поради тоа што ние пративме предупредување до нив за непочитување договор и резултатот на договорот и на предупредувањето е токму денес сето тоа што го баравме го постигнавме и беше имплементирано точка по точка, а не како другите договори што се постигнуваат во државата никогаш не се имплементираат, рече Ходаи.

Тој соопшти дека Сојузот на средношколци заедно со експерти на Светската банка во работна група со кабинетот на министерката Царовска, претставници на Светска банка, Државен испитен центар, Биро за развој на образование работат на усовршување на нов концепт за државна матура кој би почнал од 2023/2024 година.

- После две години кога ќе треба да се вратиме веќе во нормала како држава поради пандемија би започнал тој нов концепт за државна матура. Ние како средношколци се залагаме за поквалитетно образование и ние сакаме да имаме друг вид, друг концепт на државната матура да не биде  како тоа што го имаме до ден денес. Институциите кога не се пред камери велат дека државната матура е пародија, така што ќе се разликува во смисла што ќе има повеќе предмети за полагање за да го покренеме квалитетот на образованието во нашата државата. Пример е да се диференцират тие ученици што сакаат да продолжат веќе на факултет, тоа е важно да креираме генерација што сакаат да продолжат на факултет а не само да продолжат за да завршат колку само за диплома, рече тој.

Раководителот на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово, Ахмед Ќазими истакна дека 1256 тетовски матуранти денеска успешно го полагаа првиот дел, екстерен испит по мајчин јазик.

- Училиштата беа подготвени и од гледна точка на протоколи и со подготовка на учениците да се достигне што е можно подобар резултат. Имајќи ги во предвид резултатите по мајчин јазик што ги имавме пред две три години каде наши ученици од нашата гимназија по албански мајчин јазик беа најдобри во државата и од економско училиште кои се по македонски мајчин јазик беа меѓу најдобрите во државата, интензивно се работеше да се постигне истиот овој успех и оваа година. Очекуваме повторно врвни резултати од нашите матуранти, посочи Ќазими.

Досегашниот претседател на Сојузот на средношколци беше ученик во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.ас/фф/

Остани поврзан