• петок, 22 ноември 2024

Состанок на претставници на Северна Македонија, Србија и Албанија во Ниш за спроведување на иницијативата „Отворен Балкан“

Состанок на претставници на Северна Македонија, Србија и Албанија во Ниш за спроведување на иницијативата „Отворен Балкан“
Белград, 13 ноември 2021 (МИА) - Во Ниш синоќа се одржа состанок на министри и претставници на владите на Северна Македонија, Србија и Албанија во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, што го отвори српскиот министер за финансии Синиша Мали, кој порача дека целта на трите земји е дека треба да работат како една, јави дописникот на МИА од Белград. Мали им посака добредојде на министрите и претставниците на владите на Северна Македонија, која ја преставуваше заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, и на Албанија, кои во следните два дена ќе разговараат како да се реализира иницијативата „Отворен Балкан“, односно како да се отстранат бариерите за бизнисот и граѓаните. - Сите имаме иста цел, да ја зголемиме економската соработка, не само меѓу нашите три земји, туку и сите држави од регионот. Како министер за финансии можам да зборувам за детали за економскиот раст, стапките на раст, подобрувањата во економијата..., но сите знаеме која е нашата цел како политичари, а тоа е луѓето во нашиот регион да имаат подобар живот, да го подобрат бизнисот, да заработат повеќе пари и тука да ги остварат своите соништа, изјави Мали на отворањето на состанокот. Тој посочи дека целта на претставниците на владите на трите земји е во следните два дена да изработат план како да се подобри протокот на стоки, услуги и луѓе, како и да се отстрани сето она што трите економии го гледаат како пречки за развој и напредок. Како што се наведува во соопштението српското Министерство за финасии, Мали порача дека постои политичка волја „овие три земји да функционираат како една“ и да се усогласат со фитосанитарните процедури, царинските процедури и да се олесни протокот на стоки. - Можеме да го направиме тоа заедно и многу сум среќен што ќе работиме заедно на иста цел, а тоа е да нема граници и бариери, туку трите пазари да функционираат како еден, изјави Мали. Средбата на претставниците на владите на Северна Македонија, Србија и Албанија беше отворена вечерва со министерски состанок, а владините претставниците и членовите на секторските групи денеска и утре во Ниш ќе разговараат за работни дозволи и олеснување на трговијата, што ќе овозможи слободен проток на стоки, услуги и луѓе низ овие три земји, наведуваат од срспкото министерство за финансии. На синоќешната средба присуствуваа и српските министери за земјоделство, шумарство и водостопанство Бранислав Недимовиќ, за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ и за труд, вработување, ветерани и социјална политика Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж, како и министри од Албанија. Викендов претставници на шест секторски групи ќе разговараат за капацитетите за увоз, извоз и движење на стоки, слободно движење на земјоделски и прехранбени производи, слободно движење на индустриски производи, пристап до пазарот на трудот, единствениот електронски идентитет за граѓаните на Отворен Балкан и единствен информациски систем. Членови на секторските групи се претставници на надлежните институции во сите три земји. Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Димковски истакна дека реализацијата на иницијативата „Отворен Балкан“ нема да биде лесна, но дека сите три влади заедно ќе се борат таа да успее. - Ќе разговараме за тоа како да ја спроведеме иницијативата, како да го зголемиме производството и трговијата меѓу нашите три земји, како да ги намалиме бирократските процедури, ќе разговараме додека не дојдат до нула сите бариери, изјави Димковски. Тој изрази надеж дека иницијативата ќе донесе подобра иднина за економиите на трите земји и дека идејата ќе доведе до некои нови идеи. Српскиот министер земјоделство, шумарство и водостопанство Недимовиќ изјави дека членовите на неговото Министерство ќе се потрудат што поскоро да се надминат проблемите на граничниот премин Прешево-Табановце, додавајќи дека подготвиле серија предлози кои утре ќе им бидат претставени на колегите од Северна Македонија и Албанија и дека се подготвени да ги прифатат нивните идеи. - Од утре се движиме кон тоа на граничниот премин повеќе да нема контрола за храната. Имено, во последните седум дена во нашата земја влегоа неколку пратки месо од Северна Македонија и немаше ниту една контрола. Издадовме наредба да нема контрола. Ние решивме први да зачекориме кон тоа, а се надеваме дека и вие го сакате истото, изјави синоќа Недимовиќ. Српската министерката за трговија, туризам и телекомуникации Матиќ порача дека идејата за „Отворен Балкан“ е најдобрата идеја во регионот во последните неколку децении и дека вреди секој напор, „како вечерва, така и во наредниот период“. - Сигурна сум дека можеме да ја спроведеме иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи веќе направивме толку многу во рамките на ЦЕФТА. Видовме дека сите можеме да имаме корист од овој тип на договор, истакна Матиќ, која порача дека е горда што Западниот Балкан создал единствен пазар во тој сектор и е укинат роамингот. Српската министерка за труд, вработување, ветерани и социјална политика Кисиќ Тепавчевиќ истакна дека идејата на иницијативата „Отворен Балкан“ е сите три земји да постигнат економски развој и да го зголемат бројот на инвестиции и работни места. Таа изјави дека министрите за труд направиле Нацрт-договор за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот и изрази надеж дека наскоро ќе биде завршена конечната верзија на тој документ, така што следната година ќе започне успешната примена на единствените работни дозволи. Албанската министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај, изрази надеж дека претстојниот викенд ќе биде успешен и дека ќе придонесе „Отворениот Балкан“ да се случи што поскоро. - Мило ми е што сме тука, благодарение на политичката волја на нашите тројца лидери и што на нашата бизнис заедница и ги даваме сите придобивки и носиме просперитет на нашиот регион, истакна Ибрахимај. об/сп/

Остани поврзан