• сабота, 21 декември 2024

Соопштение од Иницијативен одбор на Здружение на оштетени штедачи на ЕСБ

Соопштение од Иницијативен одбор на Здружение на оштетени штедачи на ЕСБ

Скопје, 12 август 2024 

Новата власт ги доби изборите на основа на ветувањата дека ќе ги реши криминалот и корупцијата направени во претходните години.

Да потсетиме. На денешен ден пред четири години, во ек на пандемија, Народна банка донесе одлука за носење на Еуростандард банка во стечај. Банката се затвори поради енормен криминал кој се случувал во неа со години. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција покрена истрага за Еуростандард банка уште во февруари 2021 година. За криминалот се осомничени раководните одговорни лица во Еуростандард банка. Тоа што се знае е дека се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за нивно одобрување и не се почитувале низа законски обврски. Едно е сигурно. Осомничените раководни лица во Еуростандард банка се потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат, а истите се делени масовно без соодветни обезбедувања или само на основа на обични меници.

Каква е состојбата денес? Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција упорно молчи и го игнорира случајот на Еуростандард банка. И така е со години. Според закон, истрагата водена од обвинителството за овој случај требаше да биде одамна завршена. Трифун Костовски, еден од главните осомничени организатори и имплементатори на грабежот на депозити во Еуростандард банка, се слика на морски плажи и за тоа гордо споделува на социјалните мрежи наместо да одговара за предизвикување стечај на банката заедно со неговиот осомничен тим од банката. А сите оштетени ја очекуваат правдата!

Дали случајот на Еуростандард банка ќе биде неисполнето ветување за решавање на криминалот во земјава или навистина новата власт ќе го исполни ветувањето и ќе ги смести криминалците таму каде им е место? Впрочем, новата гарнитура на власт, која пред четири години ги поддржуваше оштетените штедачи и ја критикуваше претходната власт заедно со раководството на банката како директни учесници и виновници за организираниот криминал во Еуростандард банка, дојде со ветување дека ќе се справи со криминалот и корупцијата. Новата власт го вети тоа пред граѓаните, а тоа што е ветено треба да се исполни.

Одговорност за организираниот криминал во Еуростандард банка мора да има!

Иницијативен одбор на Здружение на оштетени штедачи на ЕСБ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото:МИА архива 

Остани поврзан