• понеделник, 23 декември 2024

СОНК и МОН ги усогласија ставовите – 15 проценти ќе се зголемат платите од септември

СОНК и МОН ги усогласија ставовите – 15 проценти ќе се зголемат платите од септември
Скопје, 17 мај 2022 (МИА) – По неколкучасовни преговори со посредство на медијатор вечерва Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги усогласија ставовите и се договорија платите на вработените во образованието од септември да се зголемат за 15 проценти и да нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот. Истото ќе важи и за вработените во градинките. На средбата, што се одржа во Министерството за образование и наука, се допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со синдикатот. Препораките од помирувачот ќе бидат претставени пред членството на Синдикатот, а претседателот на СОНК Јаким Неделков се надева дека ќе бидат прифатени по што најдоцна за 10 дена треба да биде потпишана спогодба меѓу СОНК и МОН. – Сметам дека нашето членство ќе ги прифати овие препораки на помирувачот и дека ова ќе се претопи во спогодба која претходно мора да помине на орган на одлучување и Советот на СОНК ќе ме овласти да потпишам спогодба, изјави Неделков по состанокот. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изрази задоволство што е најдено заеднички прифатливо решение согласно буџетските можности во овие кризни времиња. - Повисоки плати во образование ќе има. Освен порамнувањето што го имавме претходно со минималната плата, се договоривме за дополнително зголемување на платите за 15 проценти со исплата од септемвриската плата. Мислам дека ова е прифатливо за двете страни согласно буџетските можности во овие времиња кога функционирањето на државата и управувањето со буџетот е отежнато поради економската и здравствената криза, рече Шаќири по средбата. Со ова на истекот на законскиот рок, двете страни со посредство на помирувач назначен од Министерството за труд и социјална политика, најдоа заедничко прифатливо решение за барањата на Синдикатот. Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни. бак/нд/

Остани поврзан