• сабота, 23 ноември 2024

Совет на Европа: Црна Гора мора да продолжи со децентрализацијата на власта

Совет на Европа: Црна Гора мора да продолжи со децентрализацијата на власта

Брисел, 28 март 2024 (МИА) - Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа ја повика Црна Гора да продолжи со децентрализацијата на власта, да спроведе реформа на локалната самоуправа и да ги подобри процедурите за донесување одлуки, особено процедурите поврзани со финансиски прашања.

Ова се наведува во препораката заснована на извештајот на Џемал Бас (Турција) и Сорен Шумахер (Германија) по нивната посета на Црна Гора во 2023 година за следење на спроведувањето на Европската повелба за локална самоуправа.

Во извештајот се истакнува дека Црна Гора усвоила стратешки документи за реформи во јавната администрација за периодот 2022-2026 година и ја поздравува употребата на јазиците на малцинствата во општинските администрации каде што мнозинството жители припаѓаат на етничките малцинства.

Според извештајот, во малите општини има недостиг од средства за работа, додека дел од даночните приходи на поголемите општини се намалени поради усвојувањето на законот за персонален данок на доход во 2021 година според програмата на моментално владејачката партија Европа сега.

Конгресот ја повика Црна Гора да продолжи со работата за децентрализација и да ја спроведе најавената реформа на локалната самоуправа во консултација со општините и Сојузот на општини на Црна Гора. Локалните власти треба да учествуваат систематски и ефективно во консултациите за прашања што ги засегаат.

Известувачите предлагаат зајакнување на локалната фискална автономија, обезбедувајќи дека задачите доаѓаат со соодветни ресурси и дека локалните власти можат да работат без одобрение од министерствата. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан