• понеделник, 23 декември 2024

Советот на Општина Тетово со нови процедури за новото претпријатие за управување со смет

Советот на Општина Тетово со нови процедури за новото претпријатие за управување со смет

Тетово, 14 декември 2023 (МИА) – Совет на Општина Тетово на денешната 23 седница усвои измени и дополнувања на одлуките за основање на ново јавно претпријатие за менаџирање со отпад кое со словенечката приватна фирма треба да работи на собирање на сметот од наредната година.

Ова ново претпријатие беше најавено и како решение за неисплатените плати на работниците во јавното комунално претпријатие кои минатиот месец протестираа, па добија ветување дека до 15 декември ќе ги добијат личните доходи и придонеси.

На денешната седница се зголемија влоговите во новото претпријатие од страна на општината и словенечкиот партнер, а се смени и статутот на ЈКП „Тетово“.

- Се сменија членовите 1 и 15 кои се однесуваат на ингеренции со управување со отпад кои преминуваат во новото друштво каде 51 отсто има словенечката фирма, а 49 проценти општината. Од 2024 словенечката фирма ќе менаџира со отпадот, а ќе има обврска и за нови камиони за смет, нова механизација, контејнери, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот.

Градоначалникот Биљал Касами вели дека е почната процедура за преземање на вработените, но сè уште не се најде начин да им се исплатат заостанатите плати.

- Од 1 декември е почната процедурата за преземање на вработените, со обезбедување на дозволите за да од 1.1.1024 да почне со оператива. Во однос на заостанатите плати, нас ни е важно од 1 јануари со новото претпријатие да можат да ги земат редовно. Се што ќе остане како преостанати плати ние како општина ќе најдеме решение да ги исплатиме. Дали преку ЈКП или ќе најде начин и преку новото претпријатие. Вработените нема да останат без плати и тоа што е заостанато три месеци, но прво ни е важно да ја стабилизираме претпријатието за да најдеме начин и решение како и тие што се заостанати плати да ги платиме, изјави Биљал Касами.

На крај на ноември три дена работниците протестираа и не го собираа сметот, по што добија една плата. Преостанатите три ги чекаат до 15 декември по што најавија генерален штрајк. ас/ир

Фото: МИА

Остани поврзан