Советот на Општина Куманово го изгласа буџетот за 2026 година
- Буџетот на Општина Куманово за 2026 година, изнесува приближно три милијарди денари. По неколкучасовна дебата, советниците го изгласаа буџетот. Претставник од секторот за финансии Фросина Милковска, образложи дека основниот буџет изнесува 1.25 милијарди, а со вклучување на самофинансирачките активности, дотациите и донациите, вкупните приходи достигнуваат 2.990.039.067 денари. Таа рече дека приходите се целосно распределени по расходни ставки, програми и корисници, при што јасно се раздвојуваат капиталните, тековно-оперативните и развојните расходи.
Куманово, 31 декември 2025 (МИА) - Буџетот на Општина Куманово за 2026 година, изнесува приближно три милијарди денари. По неколкучасовна дебата, советниците го изгласаа буџетот. Претставник од секторот за финансии Фросина Милковска, образложи дека основниот буџет изнесува 1.25 милијарди, а со вклучување на самофинансирачките активности, дотациите и донациите, вкупните приходи достигнуваат 2.990.039.067 денари. Таа рече дека приходите се целосно распределени по расходни ставки, програми и корисници, при што јасно се раздвојуваат капиталните, тековно-оперативните и развојните расходи.

- Голем дел од развојната програма се однесува на капитални проекти финансирани преку унгарскиот кредит, дел од постапките се веќе завршени, а за други се избрани изведувачи, рече Милковска.
Во буџетот е предвидено зголемување на основната главнина на ЈП „Куманово Гас“ за шест милиони денари и на ЈП „Пазариште“ за два милиони денари, со обврска уплатите да се евидентираат.

Градоначалникот Максим Димитриевски оцени дека буџетот за 2026 година е специфичен, пред сè поради обемот на средства поврзани со апликациите за проекти од унгарскиот кредит. За него и овој буџет, како и претходните во изминатите години, има изразена развојна компонента, со значителни капитални инвестиции, зајакнување на јавните претпријатија и подобрување на јавните услуги.
- Тука е гасификацијата, особено на старата индустриска зона, како и на координацијата на инфраструктурните зафати, социјала, култура, буџетот ќе биде целосно и транспарентно објавен за јавен увид, рече Димитриевски.
Опозицијата обвини дека има намалени ставки, дека не се знае дали до крај ќе се реализира програмата, особено за проектите поврзани со унгарскиот кредит, посочувајќи дека одредени претпријатија имаат помали средства, одвоени се симболични суми за екологија, спорт и социјала. ам/дма/
Фото: МИА