• вторник, 17 декември 2024

Собраниската седница ќе продолжи по еден час пауза

Собраниската седница ќе продолжи по еден час пауза

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Собраниската седница на која на дневен ред по скратена постапка се неколку предлог-закони, ќе продолжи по еден час пауза, откако пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи побара да се достави писмена информација во која ќе се образложи ургентноста од свикување на денешната седница.

- Во одлуката за свикување на 24.седница, се повикувате на член 73 став 1 и член 74 став 2, и јас мојата процедурална забелешка ја барам врз основа на член 74 став 3, кој вели дека претседателот на Собранието е обврзан да образложи свикување ургентна седница и за дневниот ред, бидејќи во одлуката која ја добивме како пратеници, нема ниту едно образложение зошто е ургетноста на оваа седница и затоа барам пауза од еден час, рече Битиќи.

На дневен ред на 24. седница се Предлог-законот за гаранција на Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за Програмата за обновлива енергија ЕСМ - Компонента II: ФЕ Битола 2 и Компонента III: Ветерен парк Богданци - фаза 2, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка. 

На дневен ред на оваа седница се и Предлог-законот за задолжување на Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, по скратена постапка, како и Предлог-законите за образование на возрасните, за стручно образование и обука, за изменување и дополнување на Законот за основното образование и Предлог-законот за средното образование, сите во прво читање. 

Во процедурална забелешка, пратеникот на Европскиот фронт Блерим Беџети праша зошто се уште не се свикува седница за настаните од 28 ноември, на што претседателот на Собранието Африм Гаши одговори дека се уште се чека одговор од Владата за свикување на седницата. нд/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан