• недела, 22 декември 2024

Собраниската седница за владината реконструкција ќе продолжи во 23 часот

Собраниската седница за владината реконструкција ќе продолжи во 23 часот

·        Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) – Собраниската седница на која се расправа за владината реконструкција ќе продолжи во 23 часот, на барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски.

Пратеникот Митревски од говорницата рече дека ВМРО – ДПМНЕ успешно коалицира со Левица, но не можат да се договорат што треба да прават и затоа бара еден час пауза.

По претходната пауза, во 21.30 часот седницата продолжи со обраќање на координаторот на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ Никола Мицевски, кој се осврна на изјавата на вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународни односи во СДСМ, Бојан Маричиќ, како што рече, кој ја обвинува опозицијата дека нема аргументи и го блокира Собранието и не може да се избере Влада.

Мицевски порача дека Собранието е единственото место каде треба да се спротивстават аргументите.

- Во салата има три пратеници од СДСМ, од партијата од која доаѓа вицепремиерот. Контрадикторни сте. Од една страна обвинувате за блокада од опозицијата, а од друга страна вие пред 10 дена на една национална телевизија рековте дека Собранието работи и сме донеле 374 закони, 140 одлуки, 20 ратификации. Работиме или не. Не сум јас крив што вие пуштивте празна апликација за разрешување на луѓе за кои пред една година зборувавте дека оваа е Владата и со овие луѓе прогресот ќе дојде, рече меѓу другото Мицевски.

Седницата почна пред четири дена, а треба да се заокружи расправата по првата точка - предлогот за разрешување членови на Владата, на досегашните министри за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Тие се кадри  на Алтернатива која ја напушти владината коалиција и ќе бидат заменети со министри од Алијанса за Албанците, новиот коалициски партнер во Владата.

Вечерашната дебата ја одбележаа обвинувања од опозициските пратеници за економско, национално и културно предавство, за корупција, уништен здравствен и образовен систем, како и критики за откажувањето на еврообврзницата и за „пазар три коалиција“. цр/лв/

фото:принт скрин

Остани поврзан