• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Собрание: Работата на пратениците продолжува во други вообичаени форми, откажани се само пленарните седници и комисиите

Собрание: Работата на пратениците продолжува во други вообичаени форми, откажани се само пленарните седници и комисиите

Скопје, 26 март 2025 (МИА) - Работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите, појаснуваат од Кабинетот на претседателот на македонското Собрание.

Појаснувањето доаѓа по реакциите во јавноста откако по трагичниот пожар во Кочани во кој загинаа 59, а беа повредени над 200 лица, Собранието ги одложи своите активности за две недели.

-Во врска со реакциите за неодамнешната одлука за одложување на активностите на Собранието минатата и оваа недела, сакаме да појасниме дека Собранието на Северна Македонија и пратениците работеа и продолжуваат да работат. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите. Оваа одлука е донесена консензуално со сите координатори на пратеничките групи, на координативната средба, во знак на солидарност по трагедијата во Кочани и за изразување почит кон жртвите, се вели во денешното соопштение од Собранието. 

Сепак, се додава, работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа.

Пратениците, нагласуваат од Македонското Собрание,  се активни и посветени на законодавните процеси. Секоја изјава со која се претпоставува дека паузираат е неосновано обвинување кое претставува тенденција за манипулирање со мислењето и нарушување на угледот на Собранието и народните избраници. сст/аа/

Фото МИА архива

Остани поврзан