• понеделник, 23 декември 2024

Снопче: Трите нови компании за организирање на интернет игри на среќа се без законска основа

Снопче: Трите нови компании за организирање на интернет игри на среќа се без законска основа

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Пратениците од Влен и ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесоа барање за автентично толкување на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, со цел да добијат прецизно толкување дали одлуката на претходната влада и раководството на државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа.

Пратеникот од коалицијата Вреди Халил Снопче денеска на прес-конференција посочи оти нивните правни тимови се убедени дека одлуките за формирање на три нови компании за организирање на интернет игри на среќа се целосно без законски основ.

-Благодарение на погрешните, неодговорни и коруптивни одлуки на претходната влада, преку отворање на три нови компании за организирање на интернет игри на среќа, коцкањето преку мобилните уреди и компјутерите влезе и во домовите и младината стана уште полесна цел. Затоа, очекуваме Владата да го поткрепи ова наше правничко толкување, уверување, со соодветно мислење, кое Законодавно правната комисија ќе го преточи во автентично толкување, кое пак ќе овозможи затворање на интернет игри на среќа, и тоа веднаш, рече Снопче.

Тој напомена дека следната точка од планот за справување со штетните последици од игрите на среќа е покренување со соодветни правосудни постапки за докажување на злоупотреби на службената положба и овластување на сите надлежни органи кои учествувале во донесување на незаконските одлуки поврзани со организирање на различни видови игри на среќа.

-Со оглед на фактот дека формиравме работна група, очекуваме во разумен рок Владата да му предложи на Собранието нов Закон за игри на среќа и забавните игри кој ќе содржи низа одредби, со кои сме сигурни дека бројот на постоечки објекти за игри на среќа ќе се намали минимум за половина, додаде Снопче.

Како што рече, во рамките на владејачката коалиција постои политички волја овој план да се спроведе во целост. бт/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан