• понеделник, 23 декември 2024

Снопче: ЗНАМ имаат тенденција да дејствуваат како да се во изборна кампања, нивен став е едно, а реалноста е друго

Снопче: ЗНАМ имаат тенденција да дејствуваат како да се во изборна кампања, нивен став е едно, а реалноста е друго

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Немаме разговори со ЗНАМ. Тие имаат тенденција да дејствуваат како да се во изборна кампања, но изборите поминаа. Тие имаат еден став, меѓутоа ставот е едно, а реалноста е нешто друго, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на коалицијата „Вреди“ Халил Снопче, во одговор на новинарско прашање за реакцијата на ЗНАМ дека очекуваат институциите да преземат мерки околу кршењето на законите, откако повторно беше истакнато албанско знаме во Владата.

Снопче посочи дека ставот на ЗНАМ не може да биде егзекутивен. Според Снопче, треба да постои компромис меѓу сите партии во владата, бидејќи се носат заеднички одлуки.

-Со ЗНАМ немавме разговори. Тие имаат тенденција да дејствуваат како да се во изборна кампања. Изборите поминаа, треба да се освестат.  Нивен став е едно, меѓутоа реалноста е нешто друго. Не може нивен став за нас да биде егзекутивен. Тие сега сакаат да профитираат политички, меѓутоа тоа е нивна работа. Треба да има компромис меѓу сите партии во владата. Ние носиме заеднички одлуки, рече Снопче.

Тој посочи дека владата и партнерството е однос на сили, не однос на моќ.

-Ако е однос на сили, секој со сопствените сили и можности дава придонес. Ако одиме по логика на однос на моќ, тој што е најмоќниот ќе диктира и тогаш ќе нема партнерство. Ние сме дел од влада како една од силите, дел од коалицијата на новото мнозинство. Како однос на сили, сите имаме заедничко влијание и дејствуваме во иста насока, во интерес на државата да се бориме против девијантни појави во општеството, додаде Снопче.

Инаку, ова доаѓа откако вчера првиот вицепремиер Изет Меџити на средба со студенти повторно истакнал албанско знаме во просториите на Владата. На прес-конференција денеска, одговорајќи на новинарско прашање портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов посочи дека ќе имаат улога на коректор на Владата и оти очекува институциите да преземат мерки за кршење на законите. 

Тој нагласи дека Движењето ЗНАМ во разговорите со партнерот ВМРО-ДПМНЕ за нивното учество во Владата ги дефинирало основните принципи и начела за функционирање на Владата.

-Тоа се почитување на Уставот и законите како основен приоритет, а исто така и принципот сите министри да работат на имплементација на владината програма, да одговараат единствено пред Владата и премиерот, а не како досега да спроведуваат сопствени партиски програми. Движењето ЗНАМ го отвори ова прашање во рамки на владината коалиција. Очекуваме институциите на системот да си ја вршат својата работа и да преземат соодветни мерки околу  кршење на законите, без разлика од која страна доаѓаат тие прекршувања, истакна Мемов на прес-конференцијата. бт/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан