Словакот Пинтер потпиша за Шкупи
- Македонскиот фудбалски вицешампион Шкупи ги засили денеска редовите со искусниот 29-годишниот дефанзивец од Словачка, Михал Пинтер.
Скопје, 3 јуни 2023 (МИА) – Македонскиот фудбалски вицешампион Шкупи ги засили денеска редовите со искусниот 29-годишниот дефанзивец од Словачка, Михал Пинтер.
Словачкиот фудбалер доаѓа во македонското првенство од редовите на Злате Моравче, а со Шкупи потпиша двегодишен договор.
-Навистина сум среќен што ми се укажа доверба да бидам дел од овој тим. Се надевам дека ќе бидам здрав за да му помогнам на тимот на најдобар начин. Последните неколку месеци не играв фудбал и со нетрпение чекам да почнам со првиот тим, изјави Пинтер по потпишувањето на договорот.
Пинтер е второ засилување на Шкупи за следната сезона по офанзивецот Арби Воша, кој дојде од редовите на освојувачот на националниот Куп, Македонија Ѓорче Петров. ег/вг/
Фото: Шкупи/Фејсбук