• петок, 22 ноември 2024

Следачите благодарни на Колин Фарел оти со личен пример ја подига свеста за ретките болести и попречености

Следачите благодарни на Колин Фарел оти со личен пример ја подига свеста за ретките болести и попречености

Лос Анџелес, 12 авгyст 2024 (МИА) - Пораката на Колин Фарел за неговиот син, кој има Ангелманов синдром е топло примено и одекнува, и кај обожавателите, и кај поборниците против попреченостите.

Во интервју објавено претходнава седмица, Фарел (48) за „Пипл“ (People) проговори за својот 20-годишен син Џејмс. Ирскиот глумец сподели дека многу семејства со лице со попреченост немаат никаква поддршка кога засегнатото лице ќе наврши 21 година, а тоа не треба туку-така да исчезне. 

- Сите мерки за заштита што се поставени - посебни часови итн., сѐ тоа исчезнува, така што останувате со младо возрасно лице кое треба да стане интегриран дел од нашето современо општество, и тоа - што почесто, наместо (лицето, з.п.) да се остави само на себе, изјави Фарел.

Тој, инаку, за таа цел ја основа и Фондацијата „Колин Фарел“, се додава во написот на списанието.

Џејмс, инаку, во септември полни 21 година. Фарел и неговата поранешна сопруга, манекенката Ким Борденаве, поднеле барање да станат со-старатели на својот син во 2021 година, кога тој имал 17 години. Ова им овозможува да донесуваат одлуки за медицинска и друг вид грижа.

Ангелмановиот синдром е ретко неврогенетско нарушување, обично предизвикано од променет ген на хромозомот 15. Во светот, околу 500.000 луѓе живеат со оваа состојба. Се одликува со тешкотии во развојот и невролошки проблеми како што се тешкотии со говорот, рамнотежата, одењето, како и епилептични напади. Физички, многу луѓе со Ангелмановиот синдром се прикажуваат како да имаат среќен, возбудлив став и често се смеат и се смеат. На повеќето луѓе со оваа состојба им треба доживотна грижа.

По објавувањето на интервјуто со Фарел, следеа лавина коментари од охрабрени следачи кои му се заблагодаруваат на актерот што проговори за овој проблем.

„Мојата ќерка живее со Ангелмановиот синдром и многу сум им благодарен на Колин и на списанието 'Пипл' што ја подигаат свеста (за тоа, з.п.)“; „Го прибрав мојот брат со Даунов синдром/ аутизам откако нашата мајка почина во 2016 година. Тој наполни 35 години на крајот на овој месец. ДА! светот треба да биде сочувствителен кон нашите возрасни деца со посебни потреби“; „Ви благодарам за сè што правите, за информираноста и свесноста што ја ширите“ - гласат дел од коментарите.

И други интернет-корисници се согласуваат оти во интервјуто Фарел правилно нагласува како го обожава својот син - бидејќи му е син, но и како холивудска ѕвезда со одредено влијание, потсетува дека луѓето со попречености се „драгоцен член на семејството, а не некој проблем“ што само треба да се реши. си/рп/

Фото: Инстаграм-објава, фотоисечок

Остани поврзан