• понеделник, 23 декември 2024

Скопје ја очекува првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, не е отворено прашање за нов договор со Бугарија

Скопје ја очекува првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, не е отворено прашање за нов договор со Бугарија
Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев очекува до крајот на годинава да добиеме позитивна одлука и одржување на првата меѓувладина конфернеција, а во однос на бугарската блокада вели дека од македонската страна постои подготвеност за решавање на споровите. - Јас уште пред да заминеме овде за Словенија, дома кажав и вчера и завчера, дека ова е Самит на кој што Европската Унија треба уште еднаш да ги реафирмира преку усвоената декларација заложбите за проширувањето и за интеграциите на Западен Балкан во ЕУ. Секако посебно фокусот е кон Северна Македонија, затоа што ова билатерално прашање со Бугарија навистина е нешто коешто ги поврзува и сите други земји кандидатки, значи влијае и на Албанија директно затоа што се врзани со нас, но влијае и во мотивацијата или демотивацијата и на Србија и Црна Гора, на Косово и на Босна и Херцеговина и тоа е јасно, рече Заев во изјава на маргините на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Брдо кај Крањ. Тој посочи дека времето е пред нас, истакнувајќи дека одлуките за проширувањето на ЕУ, односно за одржување на првата меѓувладина конфернција, првиот момент е средината на декември. - Тогаш ќе бидат завршени изборите кај нас, ќе бидат завршени изборите во Бугарија и тоа ми дава надеж. На вака силни декларации од страна на ЕУ, кои што се испорачаа денеска и тоа многу прецизни, верувам дека попрецизни дури и после 2003 година од Солунскиот самит, треба да бидат некое охрабрување за сите нас да продолжиме да бараме решение. Времето е пред нас јас останувам во исчекување дека до крајот на годината, до средината на декември, можеме да ја добиеме позитивната одлука, односно и до крајот на годината да ја одржиме првата меѓувладина конфернеција, потенцираше претседателот на Владата. Тој, на новинарско прашање околу патоказот со Бугарија, рече дека „петте точки се дел од нашиот патоказ“, што го доставиле на разгледување во Бугарија при посетата на земјата на 17 јуни оваа година. - Се работи за точки коишто се решливи, не е дека не се решливи и се работи за нешто на кое што дополнително треба двете страни да се посветат. Од наша страна постои подготвеност да влеземе во решавањето. Прво, е многу важно што македонскиот јазик, македонскиот народ не се допираат со овие пет точки, туку се работи за дипломатска нота - кратко/долго име, за немешање во внатрешни работи, за говор за омраза и организирање од двете страни како тоа да го намалиме, за интензивирање на работата на експертските комисии коишто треба да имаат барем определено колку пати годишно ќе се среќаваат, одредени резултати сигурно, тие се експертски комисии до тука може нормално политиката, како и тоа што го спомнавте за делот на бугарската етничка група во Македонија. Ние немаме проблем со тоа прашање, наведе Заев. Премиерот истакна дека следното „отворање на Уставот“ го очекува пред полноправното членство во ЕУ. - Тогаш како една Хрватска што направи би направиле интервенција, немаме проблем за Хрватите, Црногорците, Бугарите во државата, навистина немаме проблем со ова прашање. Ние сме едно мултикултурно, мултиетничко, па дури и мултиконфесионално општество и немаме проблем со таквите прашања и верувам дека со тоа што сум дал и јавно изјави јас и во Софија и во Скопје на овие прашања, еве денеска тоа го повторувам, ќе можеме да се приближиме, но нас ни треба ветување дека ќе добиеме – да, затоа што ова важи ако добиеме да и одржиме прва меѓувладина конференција. Другото нема потреба зошто да разговараме, рече Заев. Претседателот на Владата повтори дека ние имаме Договор со Бугарија и оти во тој Договор имаме многу важни елементи. - Почнува со поддршката на Република Бугарија за Република Северна Македонија за интеграциите во НАТО и во ЕУ. Исто така, во тој Договор - да, го имаме и прашањето дека споделуваме заедничка историја, односно имаме заедничка историја. И во едни такви околности суштината на нашиот договор е оние историски моменти, историски ликови, историски периоди коишто не поврзуваат треба да ги искористиме да не поврзуваат, не да не делат и тоа е нашето очекување кое што го имаме, а сто отсто сум сигурен дека тоа е очекувањето и на бугарскиот народ. Македонскиот и бугарскиот народ се блиски народи и во едни такви околности треба на европски начин да гледаме на историјата, односно како таа не поврзува, не прави повеќе пријатели, да ги учиме идните генерации дека таа борба за социјални правди, за слобода, за се, демократија, вредности и слично е нешто кое што низ вековите не поврзувала, еве и денеска кога заедно ја славиме, знаеме заедно да чествуваме одредени ликови дефинитивно да одбележуваме како порака до младите генерации да ги почитуваат вредностите, објасни Заев. Премиерот, на новинарско прашање околу тоа дали е можен нов договор Бугарија, истакна дека такво прашање не било отоворено никаде досега. - Ние зборуваме за протоколот или роут мапа, за патоказот или како и да го наречеме за тој дел, тоа е едниот елемент и другиот елемент е секако односот Бугарија со ЕУ со преговарачката рамка каде што таму очекуваме чисти работи - значи македонски јазик, преводот на „аки-то“ нема дилема и секако стандардна преговарачка рамка, како и за сите земји кандидатки, истакна Заев. ац/см/

Остани поврзан