• понеделник, 23 декември 2024

Сиљановска Давкова доби покана од колешката од Швајцарија, Амхерд за учество на Самитот за мир во Украина

Сиљановска Давкова доби покана од колешката од Швајцарија, Амхерд за учество на Самитот за мир во Украина

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими амбасадорката на Украина Лариса Дир, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Улман и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир.

На средбата, како што соопштија од нејзиниот кабинет, претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за поканата упатена од претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, за нејзино учество на Самитот за мир во Украина, што ќе се одржи на 15 и 16 јуни во Швајцарија.

-Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека претстојниот самит претставува добра можност за обезбедување платформа за дијалог за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, се наведува во соопштението.

Сиљановска Давкова, воедно, се додава, ја реафирмираше македонската поддршка за Украина по неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Руската Федерација и повика на почитување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност во Украина во меѓународно признатите граници и територијални води. вг/лв/

Фото: Кабинет на Сиљаносвака Давкова

Остани поврзан