• петок, 05 декември 2025

Сиљановска-Давкова оствари средба со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на Глобалниот совет за толеранција и мир

Сиљановска-Давкова оствари средба со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на Глобалниот совет за толеранција и мир

Скопје, 21 ноември 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, кој беше придружуван од неговите соработници.

Ал Џарван, како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, истакнал дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува и дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.

Тој нагласил дека во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.

Претседателката ја поздравила хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.

За неа, како што се посочува во соопштението, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското Собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.

Сиљановска-Давкова особено го поздравила потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.

На средбата, соговорниците се согласиле дека мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки. дма/аа/

Фото: Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Остани поврзан