Сијарто утре во Белград ќе разговара и за купувањето на рускиот удел во НИС
- Српската министерка Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ претходно објави дека една од темите на разговорот ќе биде „можен меѓународен договор меѓу Србија и Унгарија во контекст на НИС“.
Белград, 14 јануари 2026 (МИА) - Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, утре доаѓа во Белград и треба да има средба со министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.
Српската министерка претходно објави дека една од темите на разговорот ќе биде „можен меѓународен договор меѓу Србија и Унгарија во контекст на НИС“.
Унгарската компанија МОЛ се споменува како можен купувач на рускиот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), чија продажба е услов за отстранување на компанијата од списокот на санкции на САД, наведуваат срспки медиуми.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Абу Даби изјави дека се надева оти Унгарија и ОАЕ ќе бидат вклучени во преземањето на рускиот удел во НИС додавајќи дека разговарал за НИС со претседателот на ОАЕ, шеикот Мухамед бин Зајед ал-Нахјан.
Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) вчера го обнови транспортот на нафта за преработка од Хрватска до рафинеријата во Панчево. И НИС и ЈАНАФ добија лиценца од американските власти да продолжат со работа до 23 јануари додека траат преговорите за продажба на рускиот удел во НИС. зш/сд/