Системска борба против сивата економија, дигитализација и фер пазарни правила клучни за формализација на неформалната економија
- На конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии, Гордана Кочоска, и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја претставија заедничката владина стратегија за системско намалување на сивата економија, заштита на формалниот пазар и создавање услови за фер конкуренција и одржлив економски раст. Тие порачаа дека формализирањето на економијата е државен приоритет, кој бара координација меѓу институциите, партнерство со бизнис-заедницата и дигитална модернизација на јавната администрација.
Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) - На конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии, Гордана Кочоска, и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја претставија заедничката владина стратегија за системско намалување на сивата економија, заштита на формалниот пазар и создавање услови за фер конкуренција и одржлив економски раст. Тие порачаа дека формализирањето на економијата е државен приоритет, кој бара координација меѓу институциите, партнерство со бизнис-заедницата и дигитална модернизација на јавната администрација.
На конференцијата што се одржа во Скопје премиерот Мицкоски истакна дека сивата економија го разорува економскиот систем однатре, ги казнува чесните, а ги наградува оние што дејствуваат надвор од правилата. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со решителни мерки во контролата на цените и пазарните злоупотреби за да го заштити стандардот на граѓаните.
- Сивата економија не е апстрактен поим. Таа е изгубен приход за државата, но уште поважно - изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии. Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој што работи чесно. Нашата цел е формалната економија да стане попривлечна од неформалната - да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално, и тоа е процес што го почнуваме решително и без одложување - порача Мицкоски.

Дополнително, истакна дека овој процес е суштински за европеизацијата на државата.
- Силна држава подразбира ред, силна економија подразбира транспарентност, а праведно општество подразбира еднакви правила за сите. Немаме право да дозволиме нечесноста да биде попрофитабилна од чесноста. Затоа ова не е еднодневна акција, туку суштинска реформа, која ќе нѐ одведе до современи, европски стандарди - нагласи премиерот.
Министерката за финансии Гордана Кочоска ги презентира техничкиот и системскиот столб на реформата нагласувајќи дека модерната дигитална инфраструктура и правната сигурност се темелот на намалувањето на сивата економија. Таа ги посочи важноста на ревидираниот акциски план до 2027 година, воведувањето на е‑фактурирање како централен инструмент, дигитализацијата на УЈП и реформата на даночната рамка со задржување на постојните стапки.
- Со ревидираниот акциски план за 2026-2027 ќе поставивме јасна и мерлива цел намалување на неформалната економија од 28,9 на 26 отсто од БДП до крајот на 2027 година. Ова можеби на прв поглед изгледа умерено намалување, но важно е остварувањето на оваа поставена цел, а во нејзиното остварување особено е значајно активното вклучување на сите релевантни институции во имплементацијата на стратегијата и мерките од неа. Јасна порака за соработка и активно вклучување во имплементацијата испраќаме и преку денешното потпишување на декларацијата за партнерство и акција, со која изразуваме заедничка посветеност за формализација на неформалната економија. Таа претставува заначен чекор кон системско и координирано справување со неформалната економија и ја покажуваме заедничката посветеност на институциите, бизнис-заедницата, синдикалните организации и академската заедница - рече таа.
Додаде дека владиниот фокус е насочен и кон подигнување на даночниот морал и намалување на непотребните административни трошоци.
- Работиме и на поедноставување на административните процедури бидејќи знаеме дека сложената бирократија и долгите постапки ги одвраќаат граѓаните и компаниите од формално работење. Истовремено, ги зајакнуваме инспекциската контрола и системот на санкции затоа што кога нема ефективен надзор, и ризикот од откривање е мал, се создава сè поголем простор за зголемување на нивото на неформалната економија. Но, нашата цел не е само да казнуваме, туку да обезбедиме сигурност и фер услови за приватниот сектор, па затоа во Министерството за финансии веќе се почнати активности за враќање на постапката по жалба против даночните и царинските управни акти како механизам за независна и објективна проверка на примената на даночната и на царинската регулатива во конкретни постапки - рече министерката.
Еден од важните документи на кои работат со поддршка на УНДП, како што дополни, е и стратегијата за намалување готовина во оптек за која целта е постепено намалување на плаќањата во готово, што, според министерката, ќе придонесе кон поголема формализација на економијата, зголемена транспарентност и поефикасна борба против сивата економија.
- Особено значајна е заштитата на работниците. Формализацијата значи пристап до пензиско, здравствено и социјално осигурување. Значи, сигурност и достоинствена работа. Со ваков балансиран пристап - стабилни даноци и јавни давачки, поедноставени процедури, ефикасна и правична контрола и поголема правна сигурност - ја зајакнуваме довербата во институциите и создаваме основа за одржлив и инклузивен економски раст - нагласи таа.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја презентира трудово‑економската компонента на реформата потенцирајќи дека Владата оваа година издвојува 40 милиони евра за нови мерки за вработување со посебен фокус на формализацијата на работните места.
Тој го потенцира Законот за работно ангажирање на лицата и Законот за финансиска поддршка на инвестициите како клучни механизми за отворање формални работни позиции и стимулирање на растечките компании.
- Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Кога работникот е оставен без формална заштита, а компанијата што работи често е ставена во подредена позиција, штета трпи целата економија. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија - решенија што нема да зависат од политички циклуси, туку од јасна стратегија и заедничка одлучност - изјави Дурмиши.
Тој ги нагласи и важноста на дигитализацијата, зелената транзиција и современите технолошки алатки.
- Борбата против сивата економија е борба за подобра иднина. Можеби не можеме целосно да ја искорениме, но можеме континуирано да ја намалуваме. Со заеднички напори можеме да изградиме пофер, поодржлива и попросперитетна држава - држава во која трудот, знаењето и чесноста се исплатат повеќе отколку импровизацијата и избегнувањето на обврските. Создаваме економија во која формалноста ќе биде правило, а не алтернатива - додаде министерот.
Постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Арменд Григоријан, денеска истакна дека неформалната економија создава сериозни економски и социјални последици вклучувајќи недоволно финансирани јавни услуги, работници без социјална заштита и компании што се соочуваат со ниска продуктивност. Тој нагласи дека за да се надминат овие системски слабости потребни се нови алатки, координација меѓу институциите и работа на сите нивоа.
- Неформалната економија создава маѓепсан круг - јавните услуги остануваат недофинансирани, работниците без социјална заштита, а бизнисите се борат со ниска продуктивност. Затоа мораме да изградиме силна мрежа и да воведеме алатки засновани врз прецизни докази за да ја зајакнеме фер економијата во Северна Македонија - изјави Григоријан.
Во рамките на конференцијата беше потпишана и декларација за партнерство и акција, со која институциите, бизнис‑заедницата, синдикатите, академската средина и меѓународните партнери ја формализираа заедничката обврска за координирано дејствување во процесот на формализирање на економијата.ар/вј/
Фото:МИА