• понеделник, 23 декември 2024

„Синеплекс“ со втора локација во трговскиот центар „Скопје Ист Гејт“

„Синеплекс“ со втора локација во трговскиот центар „Скопје Ист Гејт“
Скопје, 15 јули 2021 (МИА) - Киногрупацијата „Синеплекс“ ја почна изградбата на својата втора локација во Скопје, во новиот трговски центар „Скопје Ист Гејт“. „Синеплекс“ почнува со градежните активности за мултиплекс кино со површина од приближно 3.000 метри квадратни и повеќе од 1.000 места во осум сали. Посетителите ќе имаат можност да ја доживеат филмската магија преку најсовремената кинотехнологија, а ќе се прикажуваат домашни и меѓународни филмови. Членот на Управниот одбор задолжен за развој на деловни активности на групацијата „Синеплекс“, Лукас Лангхамер и извршниот директор на „Скопје Ист Гејт“, Игор Давков денеска потпишаа договор за соработка. - Како лидер за иновации, ние сме посветени на нашите посетители да им го понудиме најдоброто киноискуство и сме многу горди што наскоро тоа ќе биде достапно и на нашата втора локација, која дополнително ќе го збогати културниот живиот во Скопје, изјави Лангхамер. Давков истакна дека единствениот кинопростор го отстапиле на реномираниот лидер на пазарот во Југоисточна Европа, „Синеплекс“. - Киното ги збогатува забавните содржини во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ и уште повеќе ќе придонесе за збогатување на културниот живот во Скопје, особено имајќи предвид дека ова е првото кино што се отвора во овој дел од градот, изјави Давков. Првото кино „Синеплекс“ во „Сити Мол“ во Скопје беше отворено во 2012 година во соработка со групацијата БАЛФИН. Новото кино во „Скопје Ист Гејт“ се очекува да биде отворено во четвртиот квартал од оваа година. Покрај најсовремената кинотехнологија, „Синеплекс“ најавува и нова ексклузивна ВИП сала со луксузни кожни седишта. мд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан