Симулациска вежба „Сигурни празници без употреба на пиротехника“ во Велес
- Во рамки на вежбата беше прикажана симулација за укажување прва помош на лица повредени при употреба на пиротехнички средства.
Велес, 25 декември 2025 (МИА) - Во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес денеска за велешките ученици од сите училишта од градот се одржи симулациска вежба во рамките на кампањата „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“. Настанот го организираа Општинска организација на Црвен крст во соработка со Министерството за внатрешни работи, односно полициски службеници од СВР Велес, Отсекот за превенција и Полициската станица Велес и екипа на Брза помош при ЈЗУ Здравствен дом. Во рамки на вежбата беше прикажана симулација за укажување прва помош на лица повредени при употреба на пиротехнички средства.

Како што информира за МИА, Орце Николов секретар на ООЦК Велес, целта на активноста е превентивна за подигнување на јавната свест, особено кај младите, за опасностите и последиците од несоодветна употреба на пиротехника за време на празниците, како и едукација за правилно и навремено укажување прва помош.
Преку реалистичка симулција на вежбата беа прикажани две тешки повреди како последица од употреба пиротехнички средства: ампутација на прсти и повреда на око, се со цел да се укаже на младите на реалните ризици и употреба на пиротехника.
Велешките ученици кои ја проследија вежбата во изјавите за МИА потенцираа дека оваа показна вежба позитивно влијаела кај нив да размислат повеќе и никогаш повеќе да не употребат пиротехника која може да ги загрози и да им предизвика сериозни последици..
Тие воедно најавија дека тие понатаму ќе држат едукација за останатите свои соученици, а кои денеска не ја проследија вежбата, а употребуваат пиротехника. ад/дма/
Фото: МИА