• понеделник, 23 декември 2024

Симптоми на алергиски заболувања доминантни покрај респираторните инфекции кај децата на Детската клиника 

Симптоми на алергиски заболувања доминантни покрај респираторните инфекции кај децата на Детската клиника 

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - Овој период покрај респираторните инфекции, доминантни се и симптомите на алергиските заболувања. Како што се алергиски ринитис, ринокоњуктивитис, ларингитис, бронхооптрукции и егзацербации на астма, за МИА денеска изјави директорката на Универзитетската клиника за детски болести - Скопје, доцент доктор Валентина Цвејоска Чолаковска.

- Временските услови и наглото затополување придонесоа за рана вегетација на дрвјата и тревите, со што се зголеми концентрацијата на полените во воздухот. Најчесто децата со овие симптоми се лекуваат амбулантски. Во овој момент, на Клиниката има 15 хоспитализирани деца со потреба од болнички третман, појасни директорката на Детската клиника.

Цвејоска Чолаковска информираше и дека во амбулантите на Клиниката за детски болести во Скопје се прегледуваат од 100 до 150 деца, на дневна основа.

На вчерашниот брифинг со медиуми, Цвејоска Чолаковска изјави дека сега кај нив доминираат деца со алергиски симптоми.

- Вакви алергии сме немале, кон средината на овој век се смета дека секое второ дете ќе биде со некаква алергија. Но, тоа не е само кај нас, туку во светски рамки, подвлече директорката, појаснувајќи дека има многу причини за зголемување на алергиите кај децата, споменувајќи ги меѓу другите и аерозагадувањето и тоа, каква е исхраната. бд/мд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан