• недела, 22 декември 2024

Симеон Мони Дамевски: На ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде изработен „Манаки Манифест“

Симеон Мони Дамевски: На ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде изработен „Манаки Манифест“

Битола, 21 септември 2023 (МИА) - Балканската конференција на кинематографери која ќе се одржи во Битола, за време на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе промовира документ Манаки Манифест, изјави на прес конференција директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.

Целта е, рече Дамевски, балканските кинематографери да подготват проглас што ќе биде испратен  до светската организација ИМАГО и кој ќе содржи барања за подобрување на условите за работа на кинематограферите во светот.

-За време на фестивалот во Битола ќе организираме неколку исклучително важни општествени настани. На 24. септември по отворањето на фестивалот ќе организираме тркалезна маса на која ќе учествуваат моќни кинематограферки од Австралија, Полска и други држави чиј основен мотив е да ги охрабруваат жените во Македонија да бидат кинематограферки. За жал кај нас имаше само две кинематограферки кои повеќе не се занимаваат со тоа. Вториот општествен настан е Балканската конференција на кинематографери кои ќе промовираат документ Манаки Манифест. Целта е балканските кинематографери да подготват проглас кој ќе биде испратен  до светската организација ИМАГО и кој ќе содржи барања за подобрување на условите за работа на кинематограферите во светот. Третиот настан е врзан со Меморандум кој ќе го потпишат сите киноприкажувачи, а со цел да се рашири кино-мрежата во Македонија и да се врати публиката во кината. На ИФФК Браќа Манаки ќе го промовираме и проектот „Битола град на амбасадорите“, а тоа значи одржување „Вечери на култура“ кои годинава ќе ги приредат амбасадите на Германија, Италија и Франција, истакна Дамевски.

Организаторите подготвуваат спектакуларно отворање на фестивалот и промоција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски.

Во периодот од 23 до 29 септември ќе бидат емитувани 79 филмови, а од странство ќе пристигнат 350 гости за кои е подготвена дополнителна програма во која се содржани работилници, изложби, кабаре и многу дружење во Битола.

-Дополнителната програма ќе го поврзе фестивалот со локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата. На ваков начин се обезбедува интерсекторска соработка со интердисциплинарна програма, посочи Маја Ангеловска, координаторка за офф-програмата на фестивалот.

Годинешен медиумски покровител на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола е МИА. Медиумска информативна агенција. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан