• недела, 22 декември 2024

Си-Ен-Ен: Тун избран за наследник на Меконел како лидер на американскиот Сенат

Си-Ен-Ен: Тун избран за наследник на Меконел како лидер на американскиот Сенат

Вашингтон, 13 ноември 2024 (МИА) - Републиканскиот сенатор Џон Тун од Јужна Дакота ја доби трката за лидерската позиција во Сенатот, победувајќи го сенаторот од Тексас, Џон Корнин, во вториот круг на гласање, потврдија тројца извори присутни во просторијата, јави Си-Ен-Ен.

Вкупниот број на гласови беше 29 наспроти 24.

Тун ќе го замени сенаторот Мич Меконел како лидер на републиканците во Сенатот. Меконел е најдолговечниот лидер на партија во историјата на Сенатот.

Со изборот на Тун — кој во моментов ја извршува функцијата на координатор на пратеничка група, втор по ранг во републиканското водство во Сенатот — републиканците избраа лидер поврзан со традиционалното крило на партијата, наместо сенаторот од Флорида, Рик Скот, кој беше поддржан во последните денови од неколку истакнати сојузници на Доналд Трамп, вклучувајќи ги Илон Маск, Вивек Рамасвами и Такер Карлсон.

Во понеделникот, во колумна објавена на веб-страницата на Fox News, Тун, изнесувајќи ги своите аргументи за лидерската позиција, ги повика колегите републиканци да дадат приоритет на поддршката за агендата на Трамп, вклучувајќи ги плановите на новоизбраниот претседател за сузбивање на имиграцијата, намалување на цените, зголемување на домашното производство на енергија и донесување даночни закони.

„Не можеме да си дозволиме да ја земаме оваа коалиција здраво за готово. Ако не успееме да ги исполниме приоритетите на претседателот Трамп, ќе ја изгубиме нивната поддршка,“ напиша Тун. „Ни ги доверија своите гласови. Сега треба да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан