• недела, 22 декември 2024

Си-ен-ен го отпушти водителот Дон Лемон

Си-ен-ен го отпушти водителот Дон Лемон

Лос Анџелес, 25 април 2023 (МИА) - Американската медиумска мрежа „Си-ен-ен“ објави дека го прекинува работниот однос со познатиот водител Дон Лемон, иако тој неодамна се извини за коментарите за републиканската кандидатка за претседател на САД, Ники Хејли.

„Си-ен-ен и Дон се разделија. Дон засекогаш ќе биде дел од семејството на Си-ен-ен и му благодариме за неговиот придонес изминативе 17 години. Му посакуваме сѐ најдобро и ќе го поддржиме во неговите идни напори“, им соопшти на вработените претседателот на таа ТВ-мрежа, Крис Лихт, а писмото е објавено и на Твитер-профилот на компанијата.

Одлуката е објавена истиот ден кога соперничката американска конзервативна ТВ-мрежа „Фокс“, поради наводни „намерно изнесени лажни тврдења“ за изборите 2020 година, се раздели со својот можеби најпопуларен водител Такер Карлсон.

Лемон на Твитер-профилот на „CNN This Morning“ („Си-ен-ен утрово“), прокоментира дека веста го изненадила и ја опиша како - негово отпуштање. Тој претходно се појави во неговата емисија.

Лемон предизвика општ гнев пред извесно време кога, во „Си-ен-ен утрово“, осврнувајќи се на возраста на американските политичари, рече дека 51-годишната Ники Хејли „не е во најдобрите години“. Според него тогаш, „најдобри години за една жена“ би биле 20-тите, 30-тите, а можеби и нејзините 40-ти.

Со-водителката на емисијата, Попи Харлоу побара појаснување: - Дали мислите на најдобрите години за воспитување деца или најдобрите години за претседател на државата?

Тој продолжи со контроверзните шеги.

- Не убивај го гласникот. Јас само кажувам како стојат работите, рече Лемон, повторувајќи го истото еден час подоцна, за што доби прекори и од колешката Оди Корниш.

Лемон се извини истиот ден, велејќи дека жали за неговите „несоодветни и небитни коментари“. После тоа три дена не беше присутен во шоуто. Тој се врати следната недела.

И Ники Хејли ги критикуваше коментарите на Лемон, како сексистички. Во врска со денешната одлука, таа објави дека отпуштањето на Лемон претставува „голем ден за жените насекаде“.  си/сд/

Фото: Википедија.

Остани поврзан