• петок, 05 декември 2025

СЗО: Околу 42.000 повредени во Појасот Газа имаат некаков инвалидитет

СЗО: Околу 42.000 повредени во Појасот Газа имаат некаков инвалидитет

Женева, 2 октомври 2025 (МИА) – Речиси 42.000 луѓе во Појасот Газа, од кои една четвртина се деца, страдаат од некаков инвалидитет поради повреди и тоа ќе бара лекување со години, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Во новиот извештај, организацијата наведува дека една четвртина од 167.376 повредени лица регистрирани од октомври 2023 година имаат трајни трауми.

Меѓу нив, повеќе од 5.000 биле подложени на ампутации. Други сериозни повреди забележани од војната во Газа, предизвикана од терористичкиот напад што на 7 октомври 2023 година го изврши палестинското исламистичко движење Хамас во Израел, вклучуваат повеќе од 22.000 повреди на екстремитети, повеќе од 2.000 повреди на ’рбетниот мозок, околу 1.300 повреди на глава и повеќе од 3.300 тешки изгореници.

- Тие повреди доведуваат до огромна потреба за специјализирана хирургија и рехабилитација, но исто така длабоко ги нарушуваат животите на пациентите и нивните семејства, се наведува во соопштението, додавајќи дека една четвртина од таквите пациенти се деца.

- За некои ќе биде неопходна рехабилитација цел живот, наведува СЗО.

Веќе преоптоварениот здравствен систем во Газа не може да се справи со размерите на кризата.

Само 14 од 36 болници се делумно функционални, а помалку од третина од рехабилитациските служби кои постоеја пред војната продолжуваат да работат.

- Ниту една служба не е целосно оперативна, и покрај напорите на тимовите за итна медицинска помош и партнерите, се наведува во соопштението и се додава дека специјализираниот персонал исто така е десеткуван.

- Газа пред војната имаше приближно 1.300 физиотерапевти и 400 други терапевти. Но многумина се раселени, а најмалку 42 загинале, наведува СЗО, нагласувајќи дека „сега останале само осум протетичари кои се занимаваат со голем број ампутации“.

- Рехабилитацијата е од витално значење, не само за оние повредени во конфликтот, туку и за луѓето со хронични болести и инвалидитет, се наведува во текстот.

СЗО истакна дека „повредите поврзани со конфликтот исто така оставаат длабок ментален белег, бидејќи преживеаните се борат со траума, губење на саканите и предизвици во секојдневниот живот, додека психосоцијалните служби за поддршка сè уште се ограничени“.

- Здравствените установи мора да бидат заштитени, треба да се обезбеди непречен пристап до гориво и медицински материјали, а ограничувањата на внес на основна опрема да се укинат, наведува СЗО.

- Пред сè, СЗО повикува на итен прекин на огнот. Народот на Газа заслужува мир, право на здравје и шанса за закрепнување, се додава во соопштението. јт/

Остани поврзан