Христодулидис и Ерхурман имале отворен и искрен состанок
- -Имавме отворена и искрена дискусија, за време на која направивме преглед на напредокот во мерките за градење доверба и се согласивме да дадеме дополнителни насоки до преговарачите. Разменивме мислења и разговаравме за суштински прашања поврзани со кипарското прашање, кои се однесуваат на поглавјата и се договоривме повторно да се сретнеме наскоро. Преговарачите ќе го утврдат датумот, рече Христодулидис
Никозија, 24 февруари 2026 (МИА) – Денешната билатерална средба меѓу кипарскиот претседател Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци, Туфан Ерхурман, е оценета како отворена и искрена, јави дописничката на МИА од Атина.
Во одвоените изјави за медиумите веднаш по состанокот што траел речиси час и половина, двајцата лидери ја оценија позитивно средбата и посочија дека разговарале за мерките за градење доверба и се согласиле да им дадат одредени насоки на преговарачите, но и набргу да одржат нова средба.
-Имавме отворена и искрена дискусија, за време на која направивме преглед на напредокот во мерките за градење доверба и се согласивме да дадеме дополнителни насоки до преговарачите. Разменивме мислења и разговаравме за суштински прашања поврзани со кипарското прашање, кои се однесуваат на поглавјата и се договоривме повторно да се сретнеме наскоро. Преговарачите ќе го утврдат датумот, рече Христодулидис.
Тој објасни дека минатата недела писмено побарал средба во текот на март со генералниот секретар на ОН, но и дека планира да свика состанок на Националниот совет за информирање и размена на мислења за актуелната состојба.
Лидерот на кипарските Турци посочи дека разговарале за тоа во која фаза се наоѓаат работите поврзани со мерките за градење доверба, во кои точки е постигнат мал напредок и како може да се оди понатаму.
- Во тој контекст, донесовме одлука да им дадеме насока на нашите претставници да продолжат со редовните средби што ги одржуваат. Исто така, одлучивме наскоро повторно да се сретнеме. Продолживме со размена на мислења и за суштински прашања, рече Ерхурман.
Дополнително, се осврна и на проблемот со шап и лигавка кај добитокот и зголемениот број случаи во Република Кипар, објасни дека вчера добиле барање за испраќање 20 илјади дози вакцини.
Посочи дека првите 10 илјади можат најдоцна до утре да бидат подготвени, а останатите 10 илјади во рок од неколку дена и додаде дека во таа насока,му го пренел позитивниот одговор на Христодулидис.
Ерхурман нагласил дека станува збор за заеднички проблем на островот, дека постои ризик од зараза од двете страни. ср/сд/
Фото: Кабинет на кипарскиот претседател