СЗО до јуни би можела да затвори 80 отсто од операциите во Авганистан без дополнително финансирање
- Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека доколку не најде алтернативни средства, ќе биде принудена до јуни да затвори 80 отсто од своите операции во Авганистан.

Женева, 17 март 2025 (МИА) – Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека доколку не најде алтернативни средства, ќе биде принудена до јуни да затвори 80 отсто од своите операции во Авганистан.
Таа обезбедува суштински здравствени услуги во таа земја, чиј здравствен систем се одржува само со помош на меѓународни донатори.
На север, запад и североисток од земјата, повеќе од една третина од здравствените центри се затворени, што предизвикува страв од непосредна хуманитарна криза, предупреди СЗО.
Организацијата додаде дека без итна интервенција, повеќе од 220 дополнителни центри би можеле да се затворат до јуни, што ќе влијае на уште 1,8 милиони Авганистанци.
СЗО предупредува за својата ситуација уште откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за повлекување на САД од организацијата. Ова повлекување и прекин на американската помош особено ја загрозува глобалната мрежа за следење на морбили, која дотогаш беше целосно финансирана од САД.
Во Авганистан, само во јануари и февруари во 2025 година се пријавени 16.000 можни случаи на зараза и 111 смртни случаи, соопшти организацијата.
Талибанската власт, која се врати во летото 2021 година, откако ја собори претходната, која беше поддржана од САД, ги оспорува овие бројки. јт/
Фото: МИА архива