• петок, 20 декември 2024

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Белград, 7 јуни 2023 (МИА) - Превозот на товар меѓу Србија и Северна Македонија, што се врши во или од трети земји, со еколошки возила, ќе се либерализира, односно ќе биде ослободен од режимот на дозволи од 1 август, изјави денеска српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ. 

Во соопштението на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, се наведува дека ова е резултатот од договорот постигнат на состанокот на Мешовитата српско-македонска комисија за меѓународен патен превоз на патници и товари што се одржа во Охрид на 5 и 6 јуни. 

„Договорено е транспортот на товар „до ​​и од трети земји“, кој се врши со еколошки возила - возила од категоријата „зелено возило“ и погоре (ЕВРО 2, ЕВРО 3, ЕВРО 4, ЕВРО 5, ЕВРО ЕЕВ и ЕУРО 6) се иззема од режимот на дозволи, односно го либерализира, почнувајќи од 1 август годинава. Исто така, либерализиран е и билатералниот карго превоз и карго превозот во транзит“, рече Весиќ во соопштението објавено на интернет страната на српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Весиќ вели дека ќе остане симболичен број на дозволи, помалку од сто, од двете страни за транспортери со нееколошки мотори, односно дизел мотори ЕВРО 0. „Тоа се мали транспортери кои живеат и работат од двете страни на границата, па сакавме да ги оставиме да работат со обврска во иднина да ги заменат нееколошките возила со еколошки“, посочи Весиќ.

Српскиот министер истакна и дека е постигнат голем успех во однос на меѓународниот превоз на патници во патниот сообраќај, бидејќи е договорено од 15 јуни годинава алтернативниот превоз на патници да се врши без дозволи.

Весиќ рече дека преговорите биле многу успешни и му се заблагодари на македонскиот колега Благој Бочварски за заедничката работа. Договорот меѓу двете страни е направен врз основа на иницијативата „Отворен Балкан“ и целите утврдени со Меморандумот за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан.

„Договорот ќе придонесе за натамошно отстранување на административните бариери, што дополнително ќе ги зајакне економиите на двете земји, а на економијата и граѓаните ќе им биде олеснето движењето на луѓе и стоки во регионот на Западен Балкан“, се наведува во соопштението. ссм/

фото: принтскрин српско Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура

Остани поврзан