• сабота, 23 ноември 2024

Се снима документарец за Кевин Спејси

Се снима документарец за Кевин Спејси
Лос Анџелес, 28 јуни 2022 (МИА) - Британскиот „Канал 4“ работи на документарен филм за подемот и падот на познатиот глумец-оскаровец Кевин Спејси. Документарецот во два дела е наречен „Спејси без маска“ (Spacey Unmasked) и ќе се занимава со неговата кариера, од неговите почетоци на Бродвеј, преку статусот на ѕвезда, па сѐ до обвинувањата за сексуално вознемирување и злоупотреба. - Кевин Спејси е еден од најпочитуваните глумци на денешницата. Неговиот талент му донесе два „Оскари“ и многу други награди. Критички пофален на двата брега на Атлантикот, тој успешно го водеше театарот „Олд Вик" цели 11 години, па стана еден од најважните културни ликови и во Лондон, како и пријател на многу други познати личности. Овие филмови ќе ја следат неговата приказна за наводите за злоупотреба и исходот од судењето, вели извршната продуцентка Дороти Бирн. Во режија на Кира Филипс, првата епизода ќе се појави по завршувањето на двете судења. Едното тече во Њујорк - засновано на тужбата на глумецот Ентони Рап, а другото во Велика Британија, каде што Спејси се соочува со обвиненија од тројца други мажи. Тој се појави пред судот на Островот на почетокот на овој месец, каде што е обвинет за четири случаи на сексуален напад меѓу 2005. и 2013 година. - Ја ценам изјавата на обвинителството во која тие внимателно ги потсетуваат медиумите и јавноста дека имам право на правично судење и дека сум невин додека не се докаже спротивното. Иако сум разочаран од нивната одлука да прифатат процес по тужбите, со задоволство ќе се појавам во Обединетото Кралство штом имам можност да се бранам од овие обвиненија за кои, сигурен сум, ќе ја докажам мојата невиност, изјави Спејси во пресрет на судењето. Еден од тужителите го обвинува американскиот ветеран за „секс со пенетрација без согласност“, т.е. за силување.  си/

Остани поврзан