• петок, 22 ноември 2024

Се реконструира главната водоводна линија во  Штип

Се реконструира главната водоводна линија во  Штип

Штип, 6 јуни 2024 (МИА) - Почна реконструкцијата на главната водоводна мрежа за ниска зона во должина од околу еден километар.

Гардоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска за МИА изјави дека оваа реконструкција е дел од доизградбата на булеварот „Партизанска“ од зградата на АМД до населбата Баби во должина од еден километар. Потенцира дека оваа главна водоводна линија е стара над 50 години.

-Овде се работи подземно согласно проектот. Ќе се врши промена на застарената азбестна главна ниска зона, водоводна линија. Досега оваа линија правеше најголеми проблеми, оваа ниска зона е стара повеќе од 50 години. Се предвидува комплетна реконструкција на подземната инфраструктура, рече Јорданов.

Тој додаде дека граѓаните деновиве и на булеварот „Гоце Делчев“ можат ад забележат интензивна изградба и на водоводна линија два, која ќе обезбеди подобро водоснабдување во високите зони на градот, кои во текот на летотот немаат доволен притисок на водата или пак имаат суви чешми.

-Паралелно се работи и на булеварот „Гоце Делчев“. Овде се инсталира нова водоводна линија два, исто така водоводна линија којашто ќе овозможи повисок притисок и нормално водоснабдување на жителите од Три Чешми, Пребег, Железничка и Плуждино, истакна  Јорданов.

Тој упати извинување до граѓаните доколку имаат проблеми со водоснабдувањето и останат без вода за пиење, но дециден е дека проблемите мора темелно да се решаваат. Додава дека се работи со засилена динамика со цел побрзо да завршат активностите на терен. вдј/фф/

Фото: МИА 
 
 
 

 

Остани поврзан