• понеделник, 23 декември 2024

Се распадна движењето „Ние, гласот на народот“: Несторовиќ го напушти здружението што го основаше

Се распадна движењето „Ние, гласот на народот“: Несторовиќ го напушти здружението што го основаше

Белград, 21 февруари 2024 (МИА)- Во текот на процесот на трансформација на движењето „Ние-гласот од народот“, дојде до одредени недоразбирања кај раководството составена од група од седум основачи, по што д-р Бранимир Несторовиќ и Александар Павиќ вчера демонстративно го напуштија движењето, соопшти ова движење, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во сенка на недоразбирањата и инсинуациите против некои од основачите, д-р Бранимир Несторовиќ ултимативно побара тој да биде претседател на таа партија, иако беше договорено да се остане на првобитниот принцип на колективно лидерство составено од седум основачи. На гласањето тој ултиматум на д-р Несторовиќ не го поддржа мнозинството основачи, по што тој демонстративно го напушти Движењето, а по него и Александар Павиќ, се наведува во соопштението на веб-страницата на Движењето „Ние - гласот од народот“.

На изборите на 17 декември, ова движење настапи со изборна листа како група граѓани и постигна успех, освојувајќи 13 пратенички мандати во српскиот Парламент, како и шест одборнички мандати во белградското Собрание, благодарение на што станаа тас на вагата меѓу власта и опозицијата кога е во прашање формирањето на белградската власт и изборот на градоначалник.

Вчера претседателот Александар Вучиќ за формирањето власт во собранието на град Белград кажа дека доколку СНС и СПС немаат легитимно мнозинство, ќе се одржат нови белградски избори.

-Легалното мнозинство е она во согласност со законот и ние го имаме тоа мнозинство – 56, 57 советници (од 110), и повтори дека ако не се усогласат со изборната листа на Бранимир Несторовиќ „Ние - гласот на народот“ , тоа ќе значи нови избори. об/сд/

Остани поврзан