• понеделник, 23 декември 2024

Се работи на санирање на свлечиштето и каналот на хидроелектраната Врбен

Се работи на санирање на свлечиштето и каналот на хидроелектраната Врбен
Гостивар, 30 октомври 2022 (МИА) - Започнаа работите на санација на свлечиштето и се гради нов бетонски канал за собирање води за хидроелектраната Врбен на хидросистемот Маврово, откако минатиот месец дојде до оштетување на еден од каналите. На терен работи тешка градежна механизација и се очекува работите да завршат за еден месец. Од Електрани на Северна Македонија информираат дека е обезбедена дозвола на Бирото за јавни набавки, за да се спроведе итна постапка и да биде избран изведувач на работите, градежна фирма од Тетово. Според најавите завршување на зафатот ќе биде триесет денови. - Во моментот се изведуваат ископи, насипи, поставување цевки за пропусти, кршење на стариот канал и изведба на нов тунел во должина од 29 метри. Се работи со булдожери, багери, утоварачи, кршачи на бетон, транспортери итн. Условите за работа се тешки, се работи на 1.500 м надморска висина, на ризичен терен со можни нови одрони на карпи и лизгања на земјиштето, наведуваат од ЕСМ. Оваа градежна активност се спроведува откако по обилните врнежи на 27 септември дојде до лизгање на земјиштето, што предизвика попуштање на бетонскиот канал, изграден уште во 1950 година. Во тој период се работело на пробивање на тунели и градењето на мрежата за собирање на водите од планинскиот масив на Кораб и горнорадички слив, за потребите на хидроелектраните на ХЕС Маврово. Оштетувањето на каналот не влијаеше значајно врз работата на хидроелектраната Врбен и таа во целиот период е функционална и има довод на води од другите канали. Вишокот на вода која не може да помине преку каналот каде сега се работи, се испушта во реката Радика и оди во акумулацијата Шпилје, појаснуваат од ЕСМ. згм/ки/

Остани поврзан