Се поставуваат уреди за управување со потрошувачката на струја кај јавното осветлување во Кочани
- Во Кочани почна инсталирањето паметни уреди со кои ќе се управува и ќе се контролира потрошувачката на електрична енергија кај јавното осветлување, а што треба да обезбеди заштеда на струја и намалување на трошоците за одржување на системот.
Кочани, 20 март 2024 (МИА) – Во Кочани почна инсталирањето паметни уреди со кои ќе се управува и ќе се контролира потрошувачката на електрична енергија кај јавното осветлување, а што треба да обезбеди заштеда на струја и намалување на трошоците за одржување на системот.
Активностите се во рамки на проектот „Паметно мерење и управување на енергијата во системот за јавно осветлување во Кочани“ со што ќе се направи надградба на постојните улични кабинети со паметни уреди за управување и мерење на енергијата, а што Општина Кочани го стави како една од приоритетните задачи за оваа година.
- До крајот на април, АД „Македонски телеком“ кој беше избран за изведувач на работите, ќе постави паметни уреди во 69 улични кабинети. Tие ќе придонесат за подобрување на работењето и управувањето на уличното осветлување, како и за поефикасно искористување на електричната енергија. Опремата ќе ги покажува сите параметри за следење и контрола на потрошувачката, а ќе се вгради и астрономски часовник кој ќе го контролира времето на вклучување и исклучување на јавното осветлување, во прецизни термини, во зависност од годишното време, истакна градоначалнкот на Кочани, Љупчо Папазов.
Освен периодот на вклучување и исклучување на јавното осветлување, со опремата што се вградува ќе се контролира и интензитетот на светлина во различни периоди од ноќта, што дополнително ќе придонесе за заштеда на струја.
Поставувањето на паметните уреди е поддржано од проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“, финансиран од Европската Унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој – ГИЗ, кое обезбеди максимална поддршка до 50 илјади евра. Околу 20 отсто од вредноста на работите се кофинансирање на Општина Кочани со средства од сопствениот буџет. та/цр
Фото: МИА