Се отвораат судските документи со имињата на клиентите на Џефри Епштајн
- Окружната судијка Лорета Преска претходно овој месец одлучи дека нема правна пречка за необјавување на повеќе од 150 имиња од записите. Преска нареди отпечатувањето да почне по 1 јануари.
Лос Анџелес, 2 јануари 2024 (МИА) - Повеќе стотици страници запечатени судски поднесоци што се однесуваат на починатиот сексуален престапник Џефри Епстин и имињата на неговите соработници и клиенти, треба да бидат објавени деновиве.
Од поистакнатите имиња, според упатени извори, се очекуваат оние на британскиот принц Ендрју и поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон. Окружната судијка Лорета Преска претходно овој месец одлучи дека нема правна пречка за необјавување на повеќе од 150 имиња од записите. Преска нареди отпечатувањето да почне по 1 јануари.
Во западните медиуми се навестуваат и имињата на поранешниот водач на мнозинството во Сенатот на САД, Џорџ Мичел, трагачот по манекенки и таленти, Жан Лук Брунел, менаџерот-милијардер Глен Дабин и други. Некои од навестуваните лица сега се починати, пренесува „Јаху“.
Документите произлегуваат од граѓанска тужба од 2015 година, и наводите дека една од соработниците на Епстин - Гислејн Максвел, го олеснила сексуалното злоставување на Вирџинија Џуфре, претпоставена жртва на трговија со луѓе. Џуфре ги обвини Епстин и Максвел дека ја навеле да има секс со принцот Ендрју и неколку други истакнати мажи, додека жртвата имала 17 години. Принцот Ендрју вонсудски го реши спорот.
Максвел ги негираше обвинувањата на Џуфре. Максвел беше осудена во 2021 година по пет од шест точки поврзани со злоупотреба и трговија со малолетни девојки. По пресудата, адвокатите на Максвел ја наведоа нејзината поврзаност со добротворната работа на поранешниот претседател Клинтон - како дел од напорот за намалување на нејзината казна. си/сд/
Фото: МИА архива