• петок, 05 декември 2025

Се одржа јубилејниот 15-ти Републички натпревар во табла за лицата со телесен инвалидитет 

Се одржа јубилејниот 15-ти Републички натпревар во табла за лицата со телесен инвалидитет 

Тетово, 7 ноември 2025 (МИА) - Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност” Тетово и Гостивар денеска во тетовска Брвеница го организираше 15-то издание на традиционалниот годишен Републички натпревар во табла за лицата со телесен инвалидитет. Се натпреварувааа 14 учесници од седум здруженија од исто толку градови, кои се членови на здруженијата при Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија”.

-Ние сме едно од 16-те здруженија кои постојат во државата и сме редовен домаќин на ова републичко натпреварување кое годинава достигна скромен јубилеј 15 години. За жал, секоја година се помалку натпреварувачи пристигнуваат, како да се уморија од изборите и не дојдоа од поголем број градови,изјави Велибор Јаќимовски, претседател на Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност” Тетово и Гостивар.

Од 14 натпреварувачи најдобар беше Горан Војноски од Кочани кој во финалниот дуел го совлада Ванчо Каранфилов Скопје. Во натпреварот за трето место Никола Пеев од Гевгелија ја победи Љубица Боевска Струмица.

-Победникот добива пехар и награди од спонзорите разни производи. За второ место доделуваме нова табла и за трето место според традицијата само еден литар ракија, рече Јаќимовски.

Сите учесници овој ден го поминаа и во заедничко дружење и забава, со што се одржува традицијата која е воспоставена од Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија”. ас/ац/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан