Се зголемува бројот на загинати во поплавите во Јужна Африка
- Бројот на загинати во поплавите што пред две недели ги погодија делови од руралната провинција Источен Кејп во Јужна Африка се искачи на 101, а најмладата жртва е едногодишно бебе, соопштија денеска властите.
Јоханесбург, 26 јуни 2025 (МИА) – Бројот на загинати во поплавите што пред две недели ги погодија делови од руралната провинција Источен Кејп во Јужна Африка се искачи на 101, а најмладата жртва е едногодишно бебе, соопштија денеска властите.
Две деца сè уште се водат како исчезнати.
Силниот дожд на 9 и 10 јуни предизвика поплави во кои беа уништени многу домови, оштетени патишта и друга инфраструктура, а беше прекинато и снабдувањето со електрична енергија.
Идентификувани се 94 жртви. Меѓу жртвите има 38 деца. Повеќе од 4.000 луѓе останаа без покрив над главата низ провинцијата Источен Кејп.
Јужна Африка минатата недела прогласи состојба на национална катастрофа, што ѝ овозможи на владата да ослободи средства за хуманитарни служби.
Проценето е дека за замена на оштетената инфраструктура ќе бидат потребни 288 милиони долари, а на провинцијата, која е една од најсиромашните во Јужна Африка, ѝ е потребна и помош од националната влада.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса ги посети најпогодените области пред две недели и ги обвини климатските промени за обилните дождови и катастрофалните поплави. јт/
Фото: ЕПА архива