Се асфалтираат пристапни улици во Индустриската зона во Македонска Каменица
- Атанасовски информираше дека за реализација на овој инфраструкурен објект од Буџетот на општина Македонска Каменица се издвоени 7,6 милиони денари.
Делчево, 26 декември 2023 (МИА) - Започна асфалтирањето на пристапните улици во Индустриската зона во Македонска Каменица.
Како што објави градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, станува збор за еден од најзначајните проекти за развојот и напредокот на локалната економија во општината. Атанасовски информираше дека за реализација на овој инфраструкурен објект од Буџетот на општина Македонска Каменица се издвоени 7,6 милиони денари.
-Со оваа инфраструктурна инвестиција, имаме за цел подобрување на пристапот до нашите индустриски објекти, со што непосредно ќе создадеме услови за развој и напредок на нашата локална економија. Со користење на модерна технологија и современи инженерски решенија добиваме не само удобни и безбедни улици, туку и директен стимул за забрзан економски развој на Македонска Каменица, истакна Атанасовски.
Тој соопшти дека паралелно со изградбата на пристапните улици во Индустриската зона, се работи на изградба на улиците „Новопроектирана„ и „28 Август“, двете во централното градско подрачје на Македонска Каменица.
Од општината очекуваат асфалтирањето да се заврши во текот на оваа работна недела. вс/фф/
Фото: МИА