• понеделник, 23 декември 2024

Сестрите Славица и Лила креираат уникатни хеклани чанти: Младите мора да научат да прават ракотворби

Сестрите Славица и Лила креираат уникатни хеклани чанти: Младите мора да научат да прават ракотворби

Крива Паланка, 10 август 2024 (МИА) - Децата се најголем извор на свеж ум и енергија, а за да ги поттикнеме треба и ние да им служиме како пример. Верувам дека со личен пример и мотивација можеме да направиме промена, со повеќе креативни работилници во училиштата и креативни курсеви за млади, зашто, кога ќе направиш нешто со свои раце, свое дело - на радоста ѝ нема крај, вели Славица Стоименова, креативец од чии вешти раце откако памети за себе, се раѓаат разни креации и ракотворби. Од вешта дама позната по слаткарскиот занает, денес, речиси секојдневно изработува хеклани чанти во разни бои и големини, кои никого не оставаат рамнодушен.

Љубовта кон плетењето ја носи уште од дете, а по посетата на работилници за хеклање, од неодамна се навраќа кон матичното ракотворење со иглата и конецот и буквално, ужива во креирањето убавини што ги усреќуваат другите.

- Плетев и го сакав плетењето уште од детството. Од мали нозе имав голема пасија за креативни работи и учев разни техники со кои понатаму изработував облека и слики, а подоцна, уживав и во креативната работа како слаткар. Изработував детски и свадбени торти, колачиња со интересни фигури и нацрти. Од скоро по првична идеја на мојата ќерка, се мотивирав за изработка на плетени ташни. Вака започна приказната: посетив краток курс за плетење, подоцна се усовршував гледајќи видеа на интернет, за да денес изработувам ташни речиси секој ден. Секоја ташна што е единствена, и на секоја нова се радувам како на првенче, зошто, секоја е уникат сама по себе, а е мое дело, вели Славица.

Хеклањето е техника на изработка ракотворби со трикотажен конец или макраме, 100 отсто  памук, се работи со една игла и се плете на извлекување. Потекнува од традиционалните ракотворби во Арабија, Јужна Америка или Кина, кога најверојатно наместо игла се користеле прстите односно свиткан показалец, а како техника достинува популарност во Европа во 19 век. Познато е дека првата печатена шема за хеклање или штиркање се појавила во холандско списание на почетокот на 19 век. Денес повторно се реактуализира, а покрај достапните курсеви за плетење, и на интернет можат да се најдат бројни видеа со разновидни идеи за изработка.

- На почетокот изработував ташни од видеата кои ги гледав, но подоцна почнав да креирам свои модели. Ташните ги изработувам сама, а во идејата за изработки најмногу ми помага мојата ќерка и таа е личноста со која најмногу се консултирам кога бирам бои и модели, вели Славица, која со тек на времето ја пренесува својата љубов кон плетењто ташни и на сестра си.

По примерот на Славица и нејзината сестра Лила се инспирирала да ѝ се придружи во ова ново хоби. Лила научила да хекла и вели, сѐ што прави е со многу љубов. Одушевена од изработките на сестра си, уникатни и модерни, за млади девојки, и таа веќе длабоко е навлезена во тајните на креации со конецот.

- Ден по ден, ја усовршував работата, учев од неа, но и од светски примери достапни на интернет. Со многу работа, трпение и пред сѐ, љубов, успеав, иако речиси и немав некое значајно искуство со плетење. Никогаш не сум сонувала дека ќе изработувам чанти. Тоа е доказ дека доколку нешто сакаме и се вложиме, успехот е на дофат на рака, потребни се верба и посветеност, зачинети со љубов, раскажува Лила.

За една чанта да биде готова потребни се некоку денови, а некогаш може и помалку. Се работи со високо квалитетен конец, внимателно, игла по игла, за да се добие посакуваниот модел, што подоцна се украсува со рачка или синџирче, во зависност од желбата на клиентите. Чантите се изготвуваат во сите бои и големини, а најголемо задоволство за креаторките се пофалбите и позитивните коментари од задоволните купувачи.

Според Славица, интерес за рачно изработените ташни има сѐ повеќе, а со  постојаната, масовна продукција и различен квалитет, луѓето сѐ повеќе го ценат рачниот труд. Не крие дека е неопходна и добра промоција, а најдобра реклама, според неа се задоволните корисници.

-Може и да се заработи од ова, хоби, како и од секоја работа, особено кога нештото го работиш со љубов. Навистина задоволството е големо да создаваш нешто уникатно и различно, со свој личен печат, во ова време на дигитална ера, вели Славица. Нејзината порака до младите е да бидат мотивирани за учење и совладување вакви или друг вид вештини на ракотворење.

Како ракотворец што целиот свој живот успешно креира со своите раце и креативност, Славица порачува младите да ги учат вештините на различни видови ракотворење. Цврсто верува дека со поттикнување и мотивација на младите можеме да направиме промена.

-Со повеќе креативни работилници во училиштата и креативни курсеви за млади или летни школи, младите можат да научат многу, да ја продолжат традицијата, да создаваат свои дела. Децата се најголем извор на свеж ум и енергија, а за да ги поттикнеме, треба и ние да им дадеме личен пример. Со повеќе читање, повеќе време во природа, низ семејни работилници и друштвени игри, со комуникација и охрабрување, сигурна сум дека ќе можеме да поттикнеме што повеќе млади да учат вештини на изработки со раце, со што истовремено ќе го развиваат и умот, порачува Славица.

За неа плетењето е јога за умот, своевидна медитација, засолниште од стресовите и пребрзата динамика на секојдневието. Затоа, повеќе и не ги брои изработките, задлабочена во она што е веќе нејзина пасија, речиси секојдневно изработува барем по една ташна, а бидејќи е голем љубител на природата и зелената боја, секогаш зелените ташни ги доживува со посебна радост што ја асоцира на мир, пролет, ново раѓање.

Порачува во животот да бидеме љубопитни и храбри за откривање и развој на личниот потенцијал, бидејќи во секој човек спие некој талент, а единствено упорноста и вербата можат да го донесат до совршенство.


Ирена Димитровска

Фото: Славица Стоименова

 

Остани поврзан