• петок, 22 ноември 2024

Сестрите од манастирот во Рајчица и годинава изработија божиќни пештери

Сестрите од манастирот во Рајчица и годинава изработија божиќни пештери

Дебар, 24 ноември 2023 (МИА) - Божиќни пештери, кои ја внесуваат божиќната атмосфера во православните домови, и годинава изработија сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица, кај Дебар.

-На барање на нашите богољубиви Христијани, а со благослов на нашиот старец, епископот Антаниски Партениј, и оваа година се потрудивме благонаклоно да одговориме на се поголемиот интерес и да изработиме пригодни Божиќни традиционални украси во вид на некогашната Витлеемска пештера, велат сестрите.

Додаваат дека тие се направени од различни прикладни материјали, автентично украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандило, и така даваат можност на сите заинтересирани да го надополнат божиќниот амбиент во својот дом во духот на нашата православна традиција.

Сестрите од Рајчица со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благосостојба, изминатите петнаесетина години, имаат изработено стотици пештери, во различна големина, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции.

-Кога Божественото дете скришум од светот се роди во скромна пештера за да ни ја донесе на сите радоста на спасението, треба и нашите домови да засветлат со достојно украшение за пречек на ова најсвето и најспасително за нас Рождество. Треба и ние самите, а и заедничкото семејно катче да го доловат смирениот лик на Витлеемската пештера, сведочејќи го на сите наоколу настанот што се случи пред повеќе од 2000 години во таа тивка божикна ноќ, нагласуваат сестрите.

Заинтересираните верници, кои сакаат да си ги украсат своите домови со рачно изработена божиќна пештера, посочуваат, може да нарачаат на следниов број: 075/ 245-791 кај сестра Филотеја, со желби божиќната радост да се всели во секој православен дом. вт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан