Серијата книжевни гостувања „Добри гости“ денеска во Охрид
- Во рамки на „Прличевите беседи“ денеска во Охрид ќе се реализира осмото издание на проектот „Добри гости“, преку гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
Охрид, 7 февруари 2026 (МИА) – Во рамки на „Прличевите беседи“ денеска во Охрид ќе се реализира осмото издание на проектот „Добри гости“, преку гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.
Како дел од литературните средби организирани од издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во соработка со „Поетска ноќ во Велестово“ од Охрид и „Култура Бета“, на денешната средба во Охрид ќе се претстават авторите Игор Анѓелков, Снежана Младеновска Анѓелков, Теодор Тасевски, Јана Секулоска, Марија Велинова, Тони Попов, Марина Шикова Димовска, Јордан Коцевски, Марина Икономова Шокева, Зоран Јакимоски, Славе Ѓорѓо Димоски, Мирко Томовски, Митре Мангоски Радождански, Митко Колјушевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска.
Настанот ќе започне со промоција на најновата стихозбика на Андреј Медиќ Лазаревски ‒ „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, издание на „Култура Бета“. Промотор ќе биде Јулијана Величковска, а потем ќе следува и книжевното читање на кое ќе настапат сите учесници.
Проектот досега се одржа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар, во Куманово, во Охрид и во Прилеп, а предвидени се гостувања во уште градови низ земјата. аб/мд/
фото: плакат