• четврток, 21 ноември 2024

Сенатот во САД го ослободи Трамп од обвинувања за поттикнување бунт

Сенатот во САД го ослободи Трамп од обвинувања за поттикнување бунт
Вашингтон, 13 февруари 2021 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска беше ослободен од американскиот Сенат од обвинение за поттикнување бунт на Капитол на 6 јануари - 57 сенатори гласаа дека тој е „виновен“ и 43 - „не е виновен“. За осудување на поранешниот претседател беше потребно двотретинско мнозинство - 67 од 100 сенатори. Републиканците имаат 50 места во Сенатот, што значи дека најмалку 17 претставници на партијата на Трамп мораа да гласаат против него. Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел претходно изјави дека ќе гласа за ослободување на Трамп. Во пораката до партиската група во горниот дом на Конгресот, Меконел ја нарече неговата одлука „тешка“. Во исто време, тој тврди дека Сенатот нема капацитет да го гони поранешниот претседател во овој „политички процес“. Доналд Трамп ја напушти функцијата на 20 јануари, така што импичментот не можеше да се искористи за да се отстрани од власта. Но, демократите се надеваа дека процесот на импичмент ќе го смета за одговорен за нападот, во кој загинаа пет лица, и ќе гласаа за забрана на Трамп да има јавни функции во иднина. Републиканците исто така го спасија Трамп на гласањето на 5 февруари 2020 година - во претходниот процес на импичмент, кога само еден сенатор во нивните редови - Мит Ромни - гласаше „за“ неговото осудување и смена. Трамп е третиот американски претседател  за кого постапката за импичмент беше активирана двапати и првиот кој се соочи со таков процес по напуштањето на функцијата. Трамп, кој беше ослободен од Сенатот од обвинение за поттикнување бунт, вети дека ќе продолжи да ја брани „величината на Америка“. „Нашето величествено, историско и патриотско движење „Да ја направиме Америка повторно голема“, само што почнува“, наведе Трамп во изјавата, повторно претставувајќи се како жртва на „лов на вештерки“. „Ќе имам многу што да споделам со вас во следните месеци и едвај чекам да ја продолжам нашата неверојатна авантура на патот кон големината на Америка“, додаде тој, без да ја наведува својата политичка иднина. Трамп им се заблагодари на сите сенатори „кои гордо го бранеа уставот“ и го критикуваше процесот на импичмент како „нова фаза во најголемиот лов на вештерки во историјата“. Лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, ја критикуваше денешната одлука на Сенатот за ослободување од обвинение на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, под обвинение за поттикнување на бунт на неговите приврзаници. Тој нагласи дека гласањето е „неамериканско“ и дека се навредуваат патриотите кои ги дадоа своите животи за земјата. – Поранешниот претседател ја инспирираше, насочи и охрабри толпата насилно да спречи мирна транзиција на власта, да ја поткопа волјата на народот и незаконски да го задржи тој претседател на власт, изјави Шумер. – Нема ништо понеамериканско од ова…Ништо, ништо не е понеетичко за нашата демократија, навредувајќи генерации американски патриоти кои дадоа животи да ја одбранат нашата форма на власт, потенцира Шумер. зш/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан