• вторник, 05 ноември 2024

СЕММ: Против стереотипи и дискриминација со инклузивно медиумско известување

СЕММ: Против стереотипи и дискриминација со инклузивно медиумско известување
Скопје, 18 јануари 2021 (МИА) – Да се вклучат што повеќе гласови на различни групи и од различни сегменти во општеството во секојдневното известување, да се користи прецизна терминологија и да се избегнуваат стереотипи и генерализации, ова беа дел од заклучоците на работилница под наслов „Против стереотипи и дискриминација со инклузивно медиумско известување“ која ја организираше Советот за етика во медиумите на Македонија. На работилницата учествуваа медиумски работници, претставници од граѓанските организации како и претставници од Македонскиот институт за медиуми. Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), на работилницата ја посочи неопходноста од активен ангажман на институциите и политичките партии во спротивставувањето на дезинформациите и говорот на омраза во медиумите. Таа потсети на невообичаениот, комплексен и тежок период што донесе предизвици во глобалните комуникациско информациски процеси и растечките феномени со што се соочија општествата и посочи дека информациска пандемија или дисинфодемија, како што ја нарече Светската здравствена организација, претставува проблем, ултимативно, за обичниот граѓанин да дојде до вистински информации и да одбере што е точно или добро за него. - Низ периодот на пандемијата со Ковид-19 бевме сведоци, како на глобално ниво, така и во нашиот локален, домашен контекст, дека различноста често беше злоупотребувана како причина за ширење на дезинформации, теории на заговор па дури говор на омраза врз малцинските или маргинилизираните групи, или, пак, тие сосема отсуствуваа од известувањето на медиумите. Дезинформациите и директно и индиректно ги вклучуваа малцинските и маргинилизираните групи во општествата, сподели Никодиноска. Дел од заклучоците, кои што ги претстави Владо Крстовски од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост, „Порака“, во истражувањето „Попреченоста во медиумското известување - огледало на општествените перцепции“, беа дека медиумите сѐ уште употребуваат застарена терминологија и лицата со попреченост ретко се сретнуваат како соговорници во новинарските содржини. Тој од своето искуство потврди дека е многу важно, сите програмски активности кои што ги иницираат и спроведуваат, да бидат проследени со добро медиумско известување. -  Сѐ со цел да се афирмираат правата на лицата со интелектуална попреченост пред јавноста, затоа што, без тој важен аспект, дел од активностите нема да допрат до сите, особено до донесувачите на одлуки и со тоа дел од стремежот нема да биде постигнат. Разбивањето на предрасудите и подигнувањето на јавната свест во однос на лицата со интелектуална попреченост е особено важна работа и медиумите се исклучително важни чинители во целиот тој процес, заклучи Крстовски. Ирена Цветковиќ, извршната директорка на „Коалиција Маргини“ на работилницата ги појасни категориите на родови нееднаквости во медиумите помеѓу кои што се невидливоста, стереотипизирањето, дисбаланост и селективноста во медиумските дискурси, нереалноста, привидната еднаквост илингвистичката нееднаквост. Во однос на сетереотипите кон ЛГБТИ популацијата, таа посочи дека кога се во прашање сексуалните малцинства, говорот на омраза дополнително се оправдува во јавноста како одбрана на „нормалниот, здрав начин на живот“. За справување со горенаведените нееднаквости таа наведе неколку начини на одбегнување на дискриминаторското известување, помеѓу кои: емпатичност и етика, познавање на системот на човекови права, користење извори, фокус, аспект и избегнување на преекспонирање, опрема, јазик и стил и свесност за контекстот. На оваа тема, новинарот Петар Клинчарски од 360 Степени сподели неколку „приказни од терен“, кој се согласи околу препораките и посочи дека основата на која што мора да се внимава е познавањето на терминологијата. - Она што како основа доаѓа при разработка на одредена тема во однос на ранливите групи е дека треба да има приказна во приказната, човечката димензија, живата материја која што треба да не вовлече во самата сторија за подоцна да бараме и институционална разрешница, дополни Клинчарски. Работилницата беше поддржана од Канадскиот фонд за локален развој. ар/нд/    

Остани поврзан