• сабота, 13 декември 2025

Седум лица, меѓу кои и дете, повредени во украински напад со дрон врз станбена зграда во рускиот град Твер

Седум лица, меѓу кои и дете, повредени во украински напад со дрон врз станбена зграда во рускиот град Твер

Москва, 12 декември 2025 (МИА) - Седум лица, меѓу кои и едно дете, се повредени синоќа во украински напад со дрон врз рускиот град Твер, околу 180 километри северозападно од Москва, соопштија денеска локалните власти.

-Во Твер се бориме со последиците од остатоците што паднаа од дрон врз станбена зграда, напиша вршителот на должноста регионален гувернер Виталиј Королев на апликацијата Телеграм. Тој рече дека шест возрасни лица и едно дете се повредени во нападот, а околу дваесет лица морале да бидат евакуирани поради оштетување на зградата.

Според руските медиуми, остатоците предизвикале голем пожар во еден стан и ги скршиле прозорците на неколку други.

Остатоци од дрон паднале и на паркингот на трговски центар во Твер, но немало жртви или повредени, објави прес-службата на регионалната администрација. „Силите на Министерството за одбрана уништија три дронови на територијата на регионот“, рече регионалниот гувернер Королев, цитиран од прес-службата.

Претходно, руското Министерство за одбрана објави дека силите за воздушна одбрана собориле 90 украински ронови во текот на ноќта, вклучувајќи три над Тверската област.

Украина е подложена на речиси секојдневно руско бомбардирање на целата своја територија од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Киев, од своја страна, редовно извршува напади со дронови во Русија, тврдејќи дека нивни цели се главно нејзината воена и енергетска инфраструктура.

Вчера, Русија објави дека соборила повеќе од 300 украински дронови во еден од најмасовните украински напади. Стотици летови од московските аеродроми беа одложени.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој се појави како посредник во украинскиот конфликт откако се врати во Белата куќа во јануари, вчера изјави дека е незадоволен од недостатокот на резултати во преговорите за прекин на конфликтот. мс/ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан