• понеделник, 23 декември 2024

Седници на ИО и ЦО на СДСМ за исходот од лидерската за уставните измени и идните чекори

Седници на ИО и ЦО на СДСМ за исходот од лидерската  за уставните измени и идните чекори

Скопје, 9 јуни 2023 (МИА) –   Во тек е седница на Извршниот одбор на СДСМ по која во 19 часот ќе заседава и Централниот одбор,  за, како што најавија од партијата, начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена од вчерашната средба на лидерите на двете партии, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.

Во пресрет на ИО и ЦО премиерот Димитар Ковачевски во интервју информираше дека ги свикал за да го информира партиското раководство за она што се случувало на лидерската средба и дијаметрално променетото мислење за уставните измени на опозициската партија.

- Лидерската средба покажа дека има дијаметрално променето мислење на партијата ВМРО-ДПМНЕ искажана преку јавната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на самата прес-конференција, што дава нова динамика на политичката сцена во државата. Сметам дека за тоа треба да бидат информирани и ИО и ЦО на СДСМ, исто како што пред лидерската средба, знаете дека имав состанок и на ИО и ЦО и со коалициските партнери, на кои средби информирав во однос на наредните чекори кои се однесуваат на исполнување на оваа наша обврска, вели Ковачевски во интервју за „360 степени“ кое ќе се емитува вечерва на ТВ Алсат. 

Премиерот посочи дека не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Сите, наведува Ковачевски, се прифатени, вклучително и влада без ДУИ. Како што информира премиерот, на ИО и ЦО ќе бидат презентирани сите детали кои јавно беа соопштение на прес-конференцијата бидејќи не би се сложил со констатацијата дека предлозите се одбиени. 

Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети, вели Ковачевски.

На констатацијата дека не е мала разликата во тоа што ДУИ вели оти е подготвена да не биде во Владата, но откако ќе бидат изгласани и уставните измени ќе стапат во сила, а условот на ВМРО-ДПМНЕ е да се гласаат уставните измени, но влегувањето во сила да биде одложено до влезот на земјава во ЕУ, премиерот е оптимист. Тој вели дека со промената на ставот на опозициската партија не постои најголемата разлика.

Прво, најголема разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот и.т.н. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став, кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што веќе не постои – според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност, вели премиерот. 

Претходно, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што очекува од состаноците во СДСМ истакна дека Ковачевски треба да си поднесе оставка и оти во СДСМ има нервоза затоа што ДУИ оди во опозиицја.

-Чудно е што Ковачевски денеска држи состаноци за предлози што претходно ги одби што е доказ за негова погрешна проценка. Би требало да поднесе оставка и заради тоа и заради сите кризи што во коишто ја втурна Македонија. Нервозата е во СДС затоа што ДУИ оди во опозиција и дел од разумните во таа партија знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води бескомпромисна борба со криминалот во сите редови. Ако не грешеле не треба да се нервозни. Очекуваме Ковачевски да си поднесе оставка. Но, најмногу зачудува тоа што самодекларирани патриоти всушност сега се борат ДУИ да остане на власт, а Македонците да се поделени, рече Стоилковски.ар/лв/

Остани поврзан